1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Богат, побогат, Мубарак

Кризата ќе и’ нанесе значителни штети на египетската економија, дотолку повеќе што Хосни Мубарак не сака да ја напушти претседателската функција. Ако сепак биде принуден да побегне од земјата, финансиски ќе биде згрижен.

default

Египетскиот претседател Хосни Мубарак и синот Гамал

Во медиумите се шпекулира дека богатството на семејството Мубарак изнесува околу 40 милијарди долари, од кои на синот Гамал, наводно, му припаѓаат 17 милијарди, претседателот Хосни располага со имот од 10 милијарди, другиот син Алаа со осум, а имотот на сопругата на претседателот вредел 4 милијарди долари.

Никој, освен членовите на семејството, не може со сигурност да ја потврди точноста на овие податоци. Но, тие не се нереални. Даниел Телесклаф од швајцарскиот Транспаренси интернешенел прави споредба со некогашниот нигериски претседател Абача, кој за неколку години на власт натрупал богатство од пет до шест милијарди. Значи, веројатно не е невозможно да се трга настрана по една милијарда годишно. А Мубарак е претседател 30-ина години. Даниел Телесклаф сепак укажува и дека е тешко да се утврди колкав дел од имотот е стекнат на недозволен начин: тој може да се трупа ако монополски претпријатија се во рацете на членови на семејството, или ако вносни лиценци за увоз се доделуваат на свои блиски и е тешко сосем да се утврди границата на легалноста.

Разни зделки

Дури и нелегалните зделки се добро маскирани. Синот на претседателот купувал египетски државни обврзници, издадени за отплата на државните долгови, кога нивната вредност паднала на само 35 проценти од номиналната.

Suzanne Mubarak

Сопругата Сузане Мубарак има 4 милијарди долари?

Но, нему му било гарантирано дека државата ќе му ја исплати номиналната вредност. Освен на овој начин, според претпоставките на Ахмед ел Нагар од Центарот за политички и стратегиски студии „Ал Ахрам“, семејството Мубарак трупало богатство и со продажба на државно градежно земјиште, како и со програмите за приватизација.

Голем дел од парите, според медиумите, се наоѓа во странство. Сигурно е дека големи суми се наоѓаат во швајцарски банки. Од швајцарската Национална банка е потврдено само дека на крајот од 2009 година сите египетски влогови изнесувале 3,6 милијарди швајцарски франци. Но, поединечните големи банки не сакаат да изнесат било какви подробности за евентуалниот имот на семејството Мубарак.

Народот со куси ракави

Тој имот засега е незагрозен, оти Хосни Мубарак уште е на власт, неговата влада е меѓународно-правно призната и ужива имунитет. Имотот официјално може да биде запленет само ако некоја наредна влада отвори кривична постапка и поднесе докази дека семејството Мубарак дошло до парите на илегален начин, објаснува Даниел Телесклаф од швајцарскиот Транспаренси интернешенел. Експерти сметаат дека се минимални шансите илегално стекнатиот имот да му се врати на египетскиот народ, оти владетелите по правило имаат голем штаб од советници, кои вешто можат да го скријат потеклото на парите.

Barack Obama und Husni Mubarak - Thema USA drängen auf Wende

Уживаше голема поддршка од САД како важен сојузник на Блискиот исток: Мубарак и Обама

Сепак, во иднина на диктаторите ќе им биде потешко да дојдат до парите што ги ставиле во швајцарски банки. Имено, од почетокот на овој месец во Швајцарија стапи во сила нов закон „за враќање на илегално стекнатиот имот на политички експонирани лица“. Според неговите одредби, при основано сомнение, сметките можат да бидат блокирани и парите да им бидат вратени на земјите од каде потекнуваат. Значи, ако Мубарак некој ден реши да си ги повлече милијардите, прво би морал да докаже дека тие навистина легално ги заработил.

Добри односи со ЕУ

Инаку секој трет Египќанец работи во земјоделството, одгледува житарици, памук или шеќерна трска. Аграрниот сектор учествува со 16 проценти во бруто домашниот производ. Меѓу големите економски фактори е и туризмот, кој остварува приходи од 9 милијарди евра годишно. Најголем надворешно-трговски партнер на Египет е ЕУ. Извозот во 2009 година достигна вредност од 3,4 милијарди и во најголем дел се состои од нафта, земен гас, минерали и метали, но Египет во Европа извезе и машини и возила. Истата година неговиот увоз од ЕУ изнесуваше 10,2 милијарди евра. Во наредните пет години Египет треба да се приклучи кон европскиот стопански простор и веќе сега се укинати многу трговски бариери.

Автор: Марко Милер / Зоран Јордановски

Редактор: Горан Чутаноски