1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Богата кампања - скапи избори

За изборите ќе се потрошат најмалку 10 милиони евра од државната каса и дополнителни 7-10 милиони евра преку партиските фондови. Парите се вложуваат во предизборните каравани, тв-спотови, огласи во весниците...

default

Македонија и особено Скопје, само во еден ден, осамна со црвени билборди и поставеното прашање: „Да(ли) сте за победа“? Сега се лепат нови панели со слоганите „Отчетност и одговорност“, што се препознатливи за коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Изјнамувањето на 100 билборди, по регуларни цени, за дваесет денови од предизборието, изнесува 500.000 евра, а на располагање стојат најмалку пет пати повеќе. Втор најголем закупец на овие пропагандни и стрит-панели е СДСМ, трет ДУИ.

За почетните митинзи, преку што се презентира масовноста во подршката и партиската моќ пред електоратот, штабовите на власта и опозицијата потрошија само за превоз на симпатизерите кон Скопје или Охрид, најмалку 1,5 до 2 милиони евра за изнајмените неколку стотина автобуси и минибуси.

Јавни и тајни фондови

„Сите партии ќе се обидат да кажат дека сите пaри им се легални, но сите имаат свои скриени спонзори и не се транспарентни“, тврди Назим Рашиди, независен истражувач.

Изборен митинг на владеачката ВМРО-ДПМНЕ

Изборен митинг на владеачката ВМРО-ДПМНЕ

Тој за Дојче веле тврди дека за време на предизборието „галантно“ се трошат и државните ресурси - од буџетски инвестиции, до службени возила, како и ангажирање на администрацијата или државните службеници во кампањата, што е спротивно на Изборниот законик.

Неколку познати бизнисмени се најдоа на првите места од понудените пратеничките листи, во македонскиот и албанскиот електорат, што е индикација дека тие имаат сериозни финансиски спонзори.

„Овој пат е уште пострашно“

Kампањата е веќе започната и се одвива како што партиите решиле, а транспарентност и отчетност нема, овој пат уште пострашно, зашто еднаш неказнети праксата го надминува, суспендира, кривичното дело“, вели професор Ванчо Узунов од Правниот факултет. Тој од неодамна е новиот шеф на „Транспарентност“ за Македонија. Според него, досегашните ревизорски извештаи за претходните локални и претседателски избори, укажувале на разработени шеми за незаконски трансфери на средства при финансирање на партиските изборни кампањи, но Обвинителството не смогна сили да покрене кривично гонење, вели професор Узунов.

„Целата корупција во Македонија започнува со предизборните кампањи, а потоа доаѓа времето за наплата на разните ветувања, концесии, бизниси со што власта им се оддолжува на своите спонзори или донатори.

Водечкото трио на СДСМ на митинг: Црвенковски, Шекеринска, Заев

Водечкото трио на СДСМ на митинг: Црвенковски, Шекеринска, Заев

Јас не сум чул ниту еден бизнисмен да изјави дека од идеолошки или патриотски причини финансира некоја од партиите“. Според Узунов опозицијата е уште во поделикатна ситуација зашто нејзините лидерства и бизнисмените стравуваат од реваншизам на власта кон претприемачите кои отишле кон противничкиот табор.

Кампања на кредит

Социјалдемократите купија тони кафе и по 100 грама делат заедно локумот и со повиците да се гласа. СДСМ објави дека и за оваа кампања земал хипотекерен банкарски кредит, „како што направиме 2002 година кога победивме“, велат од изборниот штаб. Тоа е симболичен трошок, зашто сите „подароци“ за бирачите се безначајни наспроти скапите ТВ спотови, инсерти или пропагандна видео-монтажа од одржаните митинзи.

„Над 85 насто од телевизиите го пријавија издвоеното пропагандно време за платените политички програми и сега ќе биде обврска на антикорупционерите и ревизорите да ја утврдат легалноста на потрошените пари и колку се пробиени лимитите за нив“, вели Столе Наумов.

Важна улога на медиумските тајкуни

Главни и индиректни спонзори на партиите се медиумските тајкуни на националните телевизии. Двајца од нив се на пратенички листи на владеечката коалиција, а Владата, преку претходните скапи ТВ промоции и реклами за своите проекти, само лани издвои над 25 милиони евра, главно пласирани во таканаречените провладини медиуми.

Stichwahlen in Mazedonien

Преку нив најверојатно е авансиран дел од актуелните предизборни трошоци за изборните ТВ-презентации, користејќи модели на попусти, што сопствениците и за овие избори ги доделуваат.

Со програмската доминација низ медиумите на Велија Рамковски, пред се ТВ А1, СДСМ успева да му парира на караванот од ВМРО-ДПМНЕ.

Спрега на бизнисот и медиумите

Столе Наумов потенцира дека медиумските газди често манипулирале со дисконти, дури и до 90 насто и тоа го прикажувале како своја донација. Но, и покрај тоа законодавецот дозволи финасирањето на кампањите да биде до 5 насто од вкупниот приход на компанијата, што сопствениците на ТВ можат да го користат повеќекратно, зашто се сопственици или доминантни акционери и во други компаниии.

Членот на Советот за Радио-дифузија Столе Наумов информира дека најлошо минуваат локалните телевизии, на кои општинските изборни штабови се’ уште им должат пари од претходните изборни циклуси. Тие, пак, поради немоќта и зависноста од власта, не си ги бараат, ниту ги втужуваат.

Ниту законската обврска, ниту високите казни или ревизорските извештаи за прекумерно користење на средства за кампањите, не ги принудија партиите да ги откријат своите спонзори, донатори, извори на финансирање и на нивниот почеток да соопштат со колкав капитал влегуваат во изборната трка.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Горан Чутаноски