Богата земја - сиромашно население | Економија | DW | 29.10.2011
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Богата земја - сиромашно население

Монголија е земја со 2,8 милиони жители, со економија во голем подем и се вбројува меѓу 10-те најбогати со суровини во светот. Природните богатства на земјата сега ќе му бидат достапни и на германското стопанство.

default

Монголија е богата со суровини и ретки елементи

Кога странските инвеститори ќе го слушнат зборот Монголија, очите веднаш им светнуваат. Резервите на суровини во ретко населената земја, што се наоѓа меѓу Кина и Русија, речиси се недопрени. Кристофер Вуд, советник за инвестиции во фирмата „ЦЛСА“ во Хонгконг, вели: „Монголија е најинтересната приказна во Азија. Но, таа не е за луѓе што се плашат да инвестираат.“

Јаглен, бакар, злато и ретки елементи, во Монголија има се’

Mongolei Täglich entstehen hier drei Energiesparöfen

Производство на енергија

Поради тоа, меѓу инвесторите владее расположение како во времето на „златната треска“ во Америка. Стопанството на земјата во првата половина од годинава забележа пораст од 14 проценти. Монголецот Дале Чои, стратег за инвестиции во фирмата „Фронтиер Секјурити“ од Улан Батор, главен град на државата, вели: „Тоа е за секоја земја во светот прилично висок пораст. Нашето стопанство цути благодарение на рударството и неговото влијание врз другите сектори во земјата.“

Меѓутоа, експлоатацијата на суровините штотуку почна. А, од стопанскиот пораст до сега профитира само една мала елита, која може да си дозволи нови автомобили, џипови и куќи. Една третина од луѓето е уште многу сиромашна, вели Јирген Велнер, кој работи за организацијата за развојна помош „Ворлд Вижн“ во Улан Батор: „На земјата и’ претстои славна иднина, но не и за една третина од населението. Бројките за стопански пораст се енормни, но прашање на кое побргу треба да се гледа со скепса е дали од тоа има ефект за целото население. Во последните десет години монголскиот бруто социјален производ многу брзо порасна, па сепак сиромаштијата останува на исто ниво“, објаснува Велнер.

Сиромаштијата кај населението може да се види во предградијата на Улан Батор

Надвор од централниот дел на градот со згради од социјалистичките времиња, во сиромашни квартови, луѓето живеат во традиционалните кружни куќички, т.н. јурти, и егзистираат од повремени ниско платени работи. Половината од 2,8 милиони Монголци живеат во главниот град. Многумина се некогашни номади, кои се доселиле во градот оти не можат повеќе да живеат од сточарство, но и затоа што

Mongolei Parlament Gebäude in Ulanbator

Зградата на парламентот во Улан Батор

сакаат да фатат чекор со модерното време.

Но, владее недостиг од работни места, вели Јоханес Рај од фондацијата „Конрад Аденауер“: „Сиромаштијата во земјата доаѓа од таму што во последниве 20 години не беше изградена индустрија и земјата живее практично само од приходите од суровини. Тоа значи дека во моментов се’ уште нема производна дејност, односно секундарна индустрија. Развојот мора да се одвива паралелно - од една страна трговија со суровини, а од друга, мора да се направи обид суровините не само да се извезуваат, туку и да се преработуваат во сопствената земја”, објаснува Јоханес Рај.

Монголската влада има амбициозни планови за развој на сопствена индустрија. Но, за тоа прво мора да се подобри инфраструктурата. Во моментов 90 проценти од улиците и патиштата не се асфалтирани, железничката мрежа е сосем недоволна за земјата со голема површина. Сево ова треба да се промени во наредните години. Монголија се надева дека притоа ќе може малку да се осамостои од моќните соседи Кина и Русија и да воспостави стопански контакти со САД, Европа, Јапонија и Јужна Кореа. Меѓутоа, патот од изолирана земја на номадите, до модерна нација богата со суровини, е се’ уште далечен. А, како да се распредели богатството на земјата меѓу луѓето е политичко прашање, што ни оддалеку уште не е решено.

Автор: Рут Кирхнер/ Бисера Огњановска Митров

Редактор: Александра Трајковска