1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Блокада на американската управа

Рокот даден за надминување на судирот на републиканците и демократите во САД околу буџетот-истече. Со тоа дојде до застој на финансирањето на управата, по што Белата куќа даде наредба за затворање на владини институции.

Финансиската блокада значи дека околу 800.000 државни службеници ќе мора да заминат на неплатен принуден одмор. Голем број установи и институции ќе останат затворени. Исклучоци се вработените кои се во служби надлежни за основно снабдување и за безбедноста на земјата, како на пример затворски чувари, врaботени во граничните служби или во болниците. Финансиски средства и натаму ќе добива и армијата. Американскиот претседател Барак Обама во порака до воените сили гарантираше дека воените институции и установи и војниците не се погодени од прекинот на финансиски средства, таканаречениот „shutdown“. Тој ги опомена републиканците да не ја „уценуваат“ земјата.

USA Wirtschaft Shutdown Obama

Обама има главоболки

„Ова е тажен ден за нашата земја“, изјави лидерот на демократското мнозинство во Сенатот, Хери Рид. Судирот околу буџетот ескалираше поради тоа што републиканците сакаа да ја искористат финансиската ситуација за политички цели и да ја блокираат здравствената реформа на Обама, наречена „Обамакер“. Таа требаше да стартува денеска (01.10) и да им овозможи на милиони, досега неосигурани граѓани, пристап до здравствено осигурување.

Според опозицијата, реформата е лоша за економијата и прескапа за граѓаните. Во петокот (27.10) Претставничкиот дом гласаше за преодниот буџет од 3,7 илјади милијарди долари, под услов во него да не се предвидат средства за „Обамакер“, односно реформата да се одложи за една година. Мнозинството на демократите во Сенатот тоа го одби.

Набљудувачите оценуваат дека во судирот одамна не станува збор за пари, туку тој им нуди на конзервативните републиканци од движењето „Ти парти“ последна шанса да остварат влијание врз националната политика и со тоа да си обезбедат преживување.

Експертите, меѓутоа, сега се повеќе загрижени поради тоа што Конгресот, значи Претставничкиот дом и Сенатот, треба да постигне единствен став околу покачувањето на границата на задолжување. Таа во моментов изнесува 16,7 илјади милијарди долари и според Министерството за финансии ќе биде достигната на 17 октомври. Тогаш САД, најголемата економска сила во светот, би биле несолвентни.

Блокада на управата во САД последен пат се случи од 16 декември 1995 до 6 јануари 1996 година. Тогашниот претседател Бил Клинтон водеше огорчена борба за буџетот со републиканското мнозинство во парламентот.