1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Блокада за Македонија не е прифатлива

Бернд Поселт, европратеник и член на Делегацијата за односи со земјите од ЈИЕ од Европскиот парламент во интервју за Дојче Веле смета дека билатералните прашања не смеат да го блокираат приемот на Македонија во ЕУ.

default

Бернд Поселт, европратеник

Во Македонија беа одржани вонредни парламентарни избори, на кои имаше и нереди, кои меѓународната заедница ги осуди. Таму каде тоа се случи, ќе се прегласува. Дали ќе биде искористена оваа втора шанса, зашто од тоа зависи и европската перспектива на земјата?

Поселт: Во однос на Македонија, тоа е земја која има јасна европска ориентација, сегашната влада води извонредна реформска политика. Таа е сега поткрепена, повторно победи на изборите, но се разбира постои опасност од назадување кога се работи за меѓусебните судири во областите со албанско население. Затоа мораме да ја поддржиме Македонија, а последните избори ги гледам како јасен сигнал на Македонија за Европа.

Не смее да се дозволи меѓусебните судири, кои ги имаше во некои места, да ги засенат другите 95 проценти, каде изборите течеа одлично. Онаму каде имаше проблеми ќе има повторување на изборите, тоа е сосема нормално, тоа одговара на европските стандарди. Се надевам дека на 15 јуни прегласувањето ќе протече мирно, но еден дисциплиниран, демократски и европски народ како македонскиот не смее да се земе во заложништво поради инцидентите предизвикани од ривализирани групи.

Би апелирал до Албанците во местата каде живеат да не и‘ штетат на позитивната улога која ја играа последните години.

Поради спорот со името на Македонија, Грција го блокираше нејзиниот прием во НАТО. Атина тврди дека Македонија се стреми кон обединување со грчкиот и бугарскиот дел во голема Македонија. Како ги оценувате ваквите тврдења?

Станува збор за игри на несовесните политичари со стравовите кои ги имаат некои луѓе. Кога разговарам во четири очи со грчките колеги, со кои инаку добро соработувам, тие признаваат дека не постојат никакви реални причини за вакви стравови. Овде игра улога демагогијата. Сосема е јасно, според мене, ниедна држава нема право да и‘ пропишува на друга како да се вика. Ние во Германија на пример имаме Франки и Франкфурт. Ниеден човек не дошол на идеја Франција да се преименува во Париска Република, зашто инаку би постоеле територијални претензии кон средна, горна Франкија и Франфурт на Мајна или Франкфурт на Одра.

Постои Луксембург во Холандија, во Белгија и независна држава Луксембург. Тоа е сосема нормално. Значи, станува збор за вештачка хистерија и тоа е непријатна работа за грчката влада, која има тесно мнозинство и од страв од мали националистички групи се однесува на ваков начин. Европскиот парламент со големо мнозинство, во што учествував и јас, се изјасни дека оваа блокада не е прифатлива, дека тоа противречи на договорот од Рим меѓу ЕУ и Македонија. Во него јасно стои дека билатералните прашања не смеат да го блокираат приемот.

Во Грција постои македонско малцинство, но Грција не го признава. Дали тоа смее да го прави членка на ЕУ?

Јас во основа гледам проблем во ЕУ. Таа со право од земјите кандидатки за членство во ЕУ, од тие кои сакаат да соработуваат, бара исполнување на стандардите за заштита на правата на малцинствата. Јас сум ветеран во темата малцинства. Долго бев претседател на Работната група за малцинства и малцински прашања во Европскиот парламент, сега сум потпретседател, овие стандарди ги сметам за многу значајни. Но, ако ги барате нив од другите, мора да ги почитувате и самите во ЕУ. За жал, во ЕУ постојат држави кои не ги исполнуваат условите за правата на малцинствата, значи постојат двојни стандарди, што е неприфатливо.

Проблем постои и со македонското малцинство во Бугарија, исто и таа е членка на ЕУ, а не дозволува регистрација на партијата на македонското малцинство, ОМО Илинден Пирин?

Јас веќе сум дискутирал за овој проблем со бугарските колеги. Тие тврдат дека во нивната земја не е можно партиите да имаат етнички имиња. Морам да кажам дека воопшто немам разбирање за тоа. Постојат партии на малцинства, кои се нарекуваат според припадноста, во многу земји. Секое малцинство може само да реши дали ќе се приклучи кон некоја поголема партија или ќе основа своја партија.

Перспективата на Балкан е во ЕУ. Но постојат ли и работи кои се погрешно напрaвeни од страна на ЕУ?

Мислам дека има многу работи кои се погрешно направени од страна на ЕУ. Најпрво, го истакнувам тоа што не се поставени и развиени јасни критериуми за многу прашања. Јас го поддржував и планот на Марти Ахтисари за Косово, српското малцинство да добие силни права на Косово. Ако ја гледаме пак ситуацијата во Македонија, таа е за пример, она што е регулирано со Охридскиот договор го нема во другите земји. Една од грешките е двојниот аршин, втора е што често едноставно се даваат ветувања. На пример, пред изборите во Србија ненадејно беа дадени ветувања, беше даден рабат, потоа работите се променија... Ваквите однесувања не носат ништо, потребни се чисти, јасни критериуми, а она што јас го сметам за важно, е клучниот став, дека Балкан е важен за нас, за Европа, тоа е европски простор, народите кои живеат таму припаѓаат кон културно најбогатите и најстарите европски народи и да ги примиме е во наш сопствен интерес. Балканот да стане дел од ЕУ, да има европска перспектива е нешто што според мене се подразбира само по себе, а не некакава милост каков што впечаток предизвикуваат некои луѓе од Брисел.

Што мислите, кога Македонија ќе биде примена во ЕУ?

Се надевам,а тоа не е само моја приватна надеж, туку тоа стои и во заклучок на Европскиот парламент, дека ние во Парламентот сакаме уште оваа година да биде утврден барем датум за почеток на преговори на Македонија со ЕУ, а по можност преговорите да почнат уште оваа година. Сакаме преговорите да започнат во втората половина од оваа година, под француско претседателство. Но, тоа зависи и од навременото ратификување на уставниот, Лисабонскиот договор на ЕУ. Ако постојат проблеми на овој пат, тоа ќе се одрази на проширувањето со нови кандидати. Искуствата од досегашните преговори покажуваат дека ако тие течат добро, интензивно, како што е случајот со Хрватска на пример, тогаш тие траат отприлика пет до шест години најмалку и тоа со вложување големи напори. Се надевам дека Македонија ќе стане членка на ЕУ што е можно побрзо, најдоцна во втората половина на следната деценија, ако преговорите бидат успешни.

Господине Поселт, историјата на Балканот е историја на мински полиња и потреси кои тие ги предизвикале. Како би ја оцениле сегашната ситуација?

Она што многумина го сметаат за типично балкански, го имало и на други места во Европа. Французите и Германците со векови биле смртни непријатели, до крајот на Втората светска имаше судири на Рајна меѓу Германците и Французите, имаше национализам. Ние од средна и западна Европа не би требало да сме премногу арогантни, национализам имаше и кај нас, но тој е надминат. Се надевам дека така ќе биде и на Балкан.

Дали постојат потенцијални фактори кои можат да водат до нови кризи на Балканот?

Гледам многу потенцијални кризи, почетокот се разбира е со центарот- Србија, таму започна конфликтот во 1991 година. За жал, духот на Милошевиќ се‘уште не е мртов, тоа го гледам кај радикалите, кај Социјалистичката партија, а за жал ваков национализам има особено кај партијата на Воислав Коштуница. Постојат и тешкотии со функционирањето на демократскиот систем, а Србија останува немирна кога станува збор за малцинствата и народните групи. Проблем гледам и во стабилноста на БиХ, таму е неопходна уставна реформа, која ќе овозможи рамноправност за сите три националности. Гледам и нужност од зацврстување на демократијата на Косово, кое стана независно, што беше масивно поддржано, но каде е потребна мисијата на ЕУ, ЕУЛЕКС. Мораме да го поддржуваме позитивниот процес што започна во Албанија и во Црна Гора.

Го споменавте Косово, таму се‘уште има низа отворени прашања, мисијата на ЕУ- ЕУЛЕКС нема мандат од ОН?

Морам да кажам дека сум огорчен поради руската политика на блокада. Рускиот претседател Димитри Медведев беше во Берлин, беше љубезен, коментаторите пишуваа дека тој сака нов почеток во руската надворешна политика. Јас тој почеток не го гледам. Ако Русите навистина сакаат нов почеток, би требало да ја прекинат и блокадата против Косово.