1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Блокадата ќе продолжи, ОН се против

Израел ги ослободи 682-те лица од хуманитарниот конвој за Појасот Газа. Премиерот Бенјамин Нетанјаху нагласи дека Израел нема да се откаже од блокадата на Појасот Газа. Генералниот секретар на ОН токму тоа го побара.

default

Активистите од хуманитарниот конвој за Газа

Некои од ослободените активисти биле пренесени со автобус до границата со соседен Јордан, а поголемиот број од нив биле превезени до аеродромот во Тел Авив. Според Јигдал Палмор, портпарол на израелското министерство за надворешни работи, скоро сите активисти веќе се вратени во нивните татковини. Што се однесува до единаесетмината Германци, петмина од нив веќе се вратени, додека за останатите шест се` уште се организираат летови. Едниот од нив мораше да биде пренесен во болница во близина на аеродромот, бидејќи беше ранет во акцијата на израелската армија.

Израел сака да опстои на блокадата за Појасот Газа

Активистите, кои беа дел од хуманитарниот конвој, тврдеа дека се дел од хуманитарна мисија за помош на луѓето во Појасот Газа. Тие беа задржани од израелската полиција на испрашување, бидејќи израелските власти се на мислење дека конвојот пренесувал многу повеќе од хуманитарна помош и дека негова цел била пробивање на блокадата кон Газа. Доколку морнарицата не го сопрела конвојот, во Појасот Газа би настанало „иранско пристаниште“, изјави синоќа израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во говорот кој беше пренесуван на државната телевизија. „Целта на конвојот беше да се пробие блокадата, а не да се донесе хуманитарна помош. Ние сме тие кои овозможуваат пренос на хуманитарна помош. Целта беше пробивање на блокадата. А кога таа еднаш е пробиена, по овој конвој ќе дојдеа уште стотици други бродови.“

Israels Ministerpräsident Benjamin Netanjahu Januar 2010

Премиерот Бенјамин Нетанјаху

Секој брод чија цел е Појасот Газа, во очите на Нетанјаху претставува потенцијален доставувач на оружје. Тел Авив и Ерусалим се наоѓаат на само неколку километри од Газа, посочи израелскиот премиер. Мора да се спречи исламистичката организација Хамас, која владее во Појасот Газа, да изврши ракетни напади врз големите израелски градови. Затоа обврска на владата е да го сопре шверцот на оружје, секаде каде што може.

Нетанјаху исто така ја оправда и акцијата на израелската армија врз еден од бродовите на хуманитарниот конвој. „На шестиот брод ситуацијата беше многу поинаква. Израелските војници се соочија со радикална и насилничка група, која го поддржуваше меѓународниот тероризам, а денес ги поддржува терористичките организации на Хамас. Тоа не беше брод на љубовта, туку брод на омразата. Тоа не беше мировен конвој, туку терористички конвој“, истакна Нетанјаху.

Тој не ја спомена можноста за меѓународна или национална истрага за нападот врз хуманитарниот конвој. По вчерашниот говор на израелскиот премиер не беа дозволени ниту новинарски прашања.

ОН бараат прекин на блокадата

Тешкиот инцидент во кој израелската војска во меѓународните води ги нападна бродовите со хуманитарна помош „укажува на тоа дека блокада се уште постои“ рече генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун и побара да биде укината. „Блокадата е контрапродуктивна, неодржлива и неморална. Казнува невини цивили и најитно мора да биде укината. Мора да се направи се’ за да се избегнат ваквите инциденти. Сите држави мора да бидат одговорни и да се однесуваат во склад со меѓународното право“, изјави генералниот секретар на Обединетите Нации (ОН).

Автор: С. Енгелбрехт/ ТТ/ АТ/ дв/ дпа/ макфакс

Редактор: Александра Трајковска