1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Блог - место за слободната и критична мисла во Македонија

По врвот што го досегна пред околу седум години, за потоа приматот да го земат социјалните мрежи - Фејсбук и Твитер, блог комуникацијата во последната година во Македонија повторно зема замав.

Ако блогерите беа нова револуција на слободната мисла, сега тие повторно го креираат своето место. Трендот на заживување на блог-сцената го објаснува Дарко Булдиоски, основач на Центар за нови медиуми/New Media MK.

„Зависи од кој агол гледаме - во опаѓање е кога станува збор за квантитетот на блоговите, но во однос на квалитетот прашањето е дискутабилно. Во минатото кога блогот беше популарна форма за себеизразување, место каде што требаше да се биде за да си ’ин’, денес тоа се социјалните мрежи Фејсбук и Твитер, а блоговите стануваат малку поаналитичка и поиздржана форма на објавување на текстови. Многу блогери на почеток започнуваат да блогираат поради себе. Блогот ги мотивира да истражуваат одредени полиња на интерес“, вели Булдиоски.

Блог заедницата го плурализираше медиумскиот простор во Македонија, објаснува Сеад Џигал, комуниколог, истражувач на новите медиуми, блогер.

„Со кризата на медиумите во Македонија се реактуализираа интернетот, социјалните медиуми па и блоговите како алтернативен медиумски простор кој треба да пополни некои дупки или да внесе баланс на медиумската сцена. Значи, повторно имаме една релативно активна блог сцена каде што освен редица истакнати или докажани автори, има и неколку колаборативни заеднички блогови строго на зададени теми, профилирани по област, кои придонесуваат за плурализмот на интернетот во Македонија“, вели Џигал за ДВ.

„Бум“на блоговите за мода и готвење!

Сајтот Blogirame.mk е агрегатор на блогови, „функционира на доброволна основа и секој кој сака содржините на неговиот блог да бидат агрегирани треба сам да се пријави кај нас“, вели за ДВ Јован Димитров од тимот на Blogirame.mk кој брои 700 блогери, а бројката секојдневно расте.

„До сега за една година се креирани околу 35 илјади постови што значи - околу 100 постови на ден со најразлични содржини (фотографија, сликање, видео, поезија, анализа, политички коментари, музика и други мултимедијални форми). Сè што правиме е преку веб апликацијата и андроид апликација (во подготовка е и ајфон мобилна апликација) да се зголеми интересот особено за нашите блогови и да се направи што поприфатлива формата на нивното конзумирање (преку компјутер, лаптоп, пад, мобилен итн). Другата насока ни е ангажирање на популарните сајтови кај нас да ги споделуваат содржините кои се наоѓаат на блог агрегаторот. Моментално најактивни се модните блогери - одлична заедница која постојано расте од ден во ден. Замав земаат и блоговите за готвење и тука има голем пораст како на бројот на блогери, така и на квалитетот на содржините кои ги споделуваат“, ни рече Димитров.

Блоговите се „фактор“но, колку е силен, не е измерено

Редовната блог публика и не е толку голема.

„Еден блог постои во т.н. меинстрим особено ако некој од познатите портали пренесе блог статија, блог запис или го префрли на својот сајт, но стандардната публика на блоговите не е многу голема. Мора да имаме на ум дека овие блогери кои денес се активни најчесто имаат своја тема, не објавуваат секојдневно- почесто тоа се сериозни, издржани текстови, нешто што не е доволно да живее на Фејсбук само 3 часа или 15 минути на Твитер“, вели Дарко Булдиоски и додава:

„Ниеден блогер во Македонија кој блогира за македонскиот пазар и на македонски јазик не гледа некоја светла иднина - дека ќе стане ултрапопуларен или дека ќе заработува од блогот. Едноставно, блог е вид на хоби или поддршка на она што го интересира “.

Блогерите велат дека можеби нема да го променат светот, но комуниколозите зборуваат за нив и како за влијателен медиум.

„Има доста корисници од Македонија кои користат домашни блог сервиси како blog.com.mk, но и платформи како blog.com на Гугл, WordPress итн. Со стотици се бројат блоговите кои се влијателни во креирањето на јавното мнение. Разноликоста е доста важна - мода, спорт, архитектура, археологија, политика. Освен тоа, на блоговите не само што се рефлектираат туку се мултиплицираат проблеми како, говор на омраза, ниско ниво на водење дијалог, така што блоговите покрај нивното плуралистичко, позитивно значење, рефлектираат и некои негативни општествени појави кои таму дури и се засилуваат“, вели Сеад Џигал.

Symbolbild Schreiben auf Computer Tastatur Finger auf Tastatur Blog Tippen

Пополнување на медиумската  празнина

Реактуализирањето на блог - сцената е одговор на потребата за слободно споделување и рефлексија на изгубената доверба во домашните медиуми- согласни се соговорниците.

„Колку луѓето повеќе се дистанцираат од разни манипулации од страна на електронските и пишаните медиуми, толку повеќе ќе се насочуваат и ќе подѕирнуваат кон интернет медиумите меѓу кои е и блогот“, вели Сеад Џигал.

„Ставот на blogirame.mk е дека секогаш било и ќе остане парче слободен простор без уредувачка политика, каде што читателите сами ќе можат да одредат што е квалитетно, добро и вредно за  читање преку нивното споделување“, вели Јован Димитров.