1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Блиц-тест за Македонија

Како земјата ги исполнува обрските преземени со спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската унија потпишана во 2001. Колку ветила, а колку остварила?

default

Евродипломатите од директоратот за проширување дојдоа од Брисел да ја преслушаат владата во Скопје. Ќе бараат да се образложи до каде е законот за полиција предвиден во договорот, кога ќе проработи академијата за обука на судии и обвинители, ќе прашаат зошто веќе две години доцни либерализацијата на телекомуникацискиот бизнис и зошто Македонија сеуште нема трет мобилен и втор фиксен оператор. Се очекува критика поради доцнењето на законите за индустриска сопственост, заштита на авторските права и дистрибуирањето на градежното земјиште.

Пјер Мирел од директоратот за проширување кој ги предводи европските претставници во комитетот вели:

“Комитетот за стабилизација и асоцијација е важен затоа што нуди можност двете страни да го разгледаат напредокот постигнат од претходната ваква средба, но исто така да разговараат за сложените и отворени прашања во светло на билатералниот договор што предвидува многу обврски, да се види до каде е земјата, дали обврските се исполнети или не“.

Македонската страна освен што ќе реферира, ќе се обиде да го насети расположението во Брисел - кога Македонија може да очекува датум за старт на преговорите за членство. Вицепремиерката за евроинтеграции, Габриела Коневска, пред состанокот на комитетот изјави: “Процесот за евроинтеграција е приоритет за владата на РМ, подготовките за процесот на преговори со дата се исто така прашања од приоритетно значење, и од наша страна ќе бидат изнесени заложбите дека ќе ги исполниуме сите обврски и ќе ја завршиме домашната задача и да ја надополниме во однос на реформите што следуваат пред нас“.

Ова е прв состанок на комитетот за стабилизација и асоцијација откако Македонија доби кандидатски статус за членство во Унијата. Впечатоците на контролната мисија ќе најдат место во октомврискиот извештај на Европската комисија што треба да покаже дали земјата ги забрзала или забавила евроинтеграциите.