1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Блискоисточниот маратон на Кери - без пробив

Американскиот министер за надворешни работи 4 дена водеше разговори со израелски и палестински политичари во обид да ги заживее преговорите за мир. Но, Кери уште еднаш наиде на - гранит.

Интензивните преговори на Кери, според Палестинците, не довеле до саканиот пробив, иако американскиот министер зборува за извесен напредок. Џон Кери денеска во Рамалах изјави оти е постигнат реален напредок во однос на блискоисточните мировни преговори, но оти е потребна уште работа. Изјавата на Кери уследи по третата средба за три дена со претседателот на Палестинците, Махмуд Абас (двајцата се на насловната фотографија). Американскиот државен секретар синоќа третпат се сретна и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим, откаде во четвртокот ја почна новата мисија за обнова на мировните преговори меѓу Израел и Палестинците.

„Имавме многу позитивни дискусии, многу важни дискусии за последните неколку денови. Се согласуваме дека направивме реален напредок, но има уште неколку работи кои мора да ги направиме“, посочи Кери.

John Kerry und Benjamin Netanjahu

Џон Кери и Бенјамин Нетанјаху

Тој првпат во четвртокот навечер се сретна со Нетанјахи во рамките на петтата посета на Блискиот Исток од февруари, кога стана државен секретар, а потоа двапати се сретна со Абас во Јордан и денеска во Рамалах, Западен Брег.

Пред денешната изјава на Кери, главниот палестински преговарач Саеб Ерекат изјави дека не е постигнат пресврт на третиот состанок, но оти има извесен напредок. Палестинците бараат Израел да ја стопира изградбата на домови за Евреите во Западниот Брег и во источен Ерусалим и да ги ослободи Палестинците кои подолго време ја отслужуваат казната од израелските затвори. Тие исто така бараат да се преговара за границата пред војната од 1967 година, кога Израел го освои Западниот Брег со источен Ерусалим и Појасот Газа. Нетанјаху е за обновување на преговорите без предуслови.

Кери оценува дека е многу важно двете страни да донесат тешки одлуки во време на хаос во Блискиот Исток, од немирите во Египет до граѓанската војна во Сирија, која ги зафаќа и соседните држави.

Преговорите меѓу Израел и Палестинците се во прекин од крајот на септември 2010 година и оттогаш само на кратко се обновени.