1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Блиски, а сепак далечни

Групи невладини здруженија и кабинетот на македонскиот претседател, Бранко Црвенковски, денеска организираат манифестација во Скопје со цел да се подигне општествената свест за правата на еднаквост и недискриминирање. Дали во Македонија има толеранција? Последното истражување во Тетово, на пример, покажува дека младите во овој град се просторно блиски, но сепак далечни.

Тетово

Тетово

Граѓаните на Република Македонија, особено младите во училиштата се изложени на интензивирана, агресивна индоктринација, проследена со создавање предрасуди и негативни етнички стереотипи. Тие ги влошуваат меѓутничките односи и ја оддалечуваат земјата од ЕУ. Ова го покажуваат сондажите во училиштата и меѓу граѓаните во Тетово, во скопските општини Шуто Оризари, Чаис и Бутел, и во Куманово и Струга.

Истражувањата на Центарот за балканска соработка од невладиниот сектор во Тетово, финансиран од Американската владина агенција УСАИД, спроведено меѓу триста ученици и професори во петте училишта во Тетово, како и во скопскиот државен и во двата универзитети во Тетово, покажуваат дека има предрасуди кои ги задушуваат природните желби и кај Македонците и кај Албанците за заедничко учење и дружење. Ќуфли Османи, од катедрата за психологија на Тетовскиот државен универзитет, ги презентира резултатите од истражувањето, реализирано во август и септември минатата година: “Половина и од Македонците и од Албанците изјавија дека училиштата градат сопствени модели на едукација, воспитување и на образование на учениците. Тоа се рефлектира на меѓуетнички план, на соживотот на подготвеноста да соработуваме, да сме блиску со другиот, да ја запознаеме подобро туѓата култура.“

„Сакаме да се дружиме, зошто да не“ – коментираат дел од учениците во македонските и албанските паралелки во гимназијата и другите средношколски центри во Тетово. Дел од нив велат:

“Не знам, не може да се зборува за дружење, зашто се оди на тоа да не поделат во различни смени. Автоматски системот прави да не можеш да се дружиш. Ако албанските паралелки се стават во една смена, а македонските во друга, колку и да сакаш и да се трудиш, не можеш.“

“Јас мислам дека дружењето е Македонци со Македонци, Албанци со Албанци. Така било отсекогаш. Македонците си имаат свои цели, Албанците свои.Затоа мислам дека не се согласуваме.“

“30% се дружат.“

Ситуацијата е иста во сите средни училишта во градот, но она што се случува, не само овие денови и недели, туку со години, во гимназијата која брои 2 700 ученици, е директна потврда за тезите за етничките поделби. Во главниот гимназиски објект учат само Албанци, а Македонците се префрлени во друг пооддалечен објект.

Професорот на Филозофскиот факултет во Скопје, Ферид Мухиќ, е дециден: “Тетово почнува да живее во идеолошка, етничка и дискриминациска индоктринација. Постои недвосмислена, јасна, насочена, фокусирана активност на развивање негативни стереотип, но не смее да се заброави дека е тоа нова појава, а дека таа е токму затоа толку агресивна и добро координирана зашто има работа со многу длабоко зацврстена традиција на соживот меѓу Албанците и Македонците, токму во регионите на Тетово.„

Просторно блиски, а сепак далечни гласи заклучокот од истоименото истражување спроведено во Скопје, Куманово и Струга со цел да се согледа етничкиот соживот во етнички мешаните средини во Македонија. Него го реализираа здружението на граѓани за поддршка на меѓуетничкиот дијалог и невладината организација “Заеднички вредности“. Комуникацијата меѓу лица од различни етнички заедници е неизбежна, но претежно се заснова врз неискрен однос и само од интерес, беше кажано на неодамнешната презентација на резултатите од овој проект. Мухиќ на ова се надоврзува и со свои сознанија:

“Лично јас имав привилегија да водам една институција, тоа е „Проект за единствена визија на Македонија“. Истражувавме во 14 региони во Македонија од крајот на 2001 до 2005 година. Резултатите покажаа дека колку луѓето се помалку изложени на индоктринација, што значи имаат помал пристап до дневни весници, телевизија, образование и.т.н. резултатите беа апсолутно попозитивни. Во планинските села, таму каде што се водеа дури и најжестоки борби во конфликтот од 2001 година, имавме над 87% Албанци кои беа убедени дека со Македонците може да се живее заедно, треба да се живее и дека се живеело, а исто така беше и кај Македонците. “