1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Блискиот исток се’ повеќе се одалечува од мировниот процес

По вчерашната акција на израелските сили во Ерихон, безредија и протести во палестинските подрачја, при што се киднапирани повеќемина странци

default

Девет часови траеше израелската опсада на палестинскиот затвор во Ерихон, во кој се наоѓаа шест лица кои Израел ги бара под обвинение за убиство на израелскиот министер за туризам Рехвам Зеви пред 5 години. Затворот беше гранатиран. Кога војската започна со булдожери да го урива затворот, на опколените не им преостана ништо друго, освен да се предадат. Меѓу нив е и Ахмед Садат, генерален секретар на Народниот фронт за ослободување на Палестина. Затворениците сега се префрлени во израелски затвор.

Портпаролот на израелското министерство за надворешни работи Регев акцијата ја образложи со страхувања дека палестинските власти ќе ги ослободеле казнениците. „Проблемот беше што палестинското раководство отворено рече дека тие луѓе треба да бидат ослободени. Згора на ова, палестинското раководство во затворот создаде ситуација која ги принуди меѓународните набљудувачи да се повлечат. Ние моравме да дојдеме до заклучок дека целиот договор практично стана безвреден. Цел на нашата денешна акција беше да спречиме тие затвореници да бидат ослободени и да се распрскаат по палестинските територии, оти тогаш ќе беше потребна уште поголема акција за повторно да ги уапсиме“.

Спогодбата на која се повика портпаролот Регев потекнува од 2002-ра година, кога Ахмед Садат беше сместен во затворот во Ерихон под меѓународно набљудување, а израелската армија ја заврши опсадата на главното седиште тогашниот палестински претседател Јасер Арафат во Рамалах. „Не мислам дека имаше било каква опасност за странските монитори во затворот. Таму беа од 2002-ра и никогаш не беа во опасност. Напротив, луѓето на нив гледаа како на заштита“ - вели либералната пратеничка во палестинскиот парламент Хана Ашрави.

„Ова предизвика протести насекаде на палестинските територии, посебно овде во Газа. Нашите безбедносни сили успеаја сега да воспостават контрола на ситуацијата во британскиот конзулат и околу американското училиште. Ова е навистина безумна состојба во која се наоѓаме“ – рече палестинскиот заменик-премиер Набил Шаат.

Воената операција на Израелците предизвика бура од огорчување во палестинските подрачја. По нејзиното завршување околу 15 илјади луѓе излегоа на улиците на Газа. Возбудените демонстранти таму нападнаа повеќе британски и американски институции. Безредија имаше и во Рамалах и Наблус. Во Џенин и Газа беа грабнати повеќемина странци – новинари, учители, соработници на хуманитарни организации. Некои се во меѓувреме ослободени. Странските хуманитарни организации им наложија на своите соработници да ги напуштат палестинските територии. Повлечени се и набљудувачите на ЕУ на границата помеѓу Газа и Египет.

Претседателот на Палестинците Махмуд Абас ги обвини САД и Велика Британија дека го прекршиле договорот со повлекувањето на своите набљудувачи непосредно предпочетокот на израелската акција. Генералниот секретар на Арапската лига Амр Муса изјави дека повлекувањето на набљудувачите „го потегнува прашањето дали немало претходен договор зе подготовка на оваа агресија“.

Ваквата претпоставка ја отфрли британскиот министер за надворешни работи Џек Стро: „Нашите набљудувачи се гледаа конфронтирани со се’ поголема закана за сопствената безбедност. Уште минатата година размислував за повлекување, но по зрело размислување се решив за ризикот да останат.Во светлина на најновите сознанија дојдов до заклучок дека ситуацијата стана премногу опасна за нив и веќе не можев да ја носам одговорноста за нивно останување“.