1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Блискиот исток пред нова ескалација на насилствата

Израел ги шири воените операции, а Хезболах најавува подалекусежни ракетни напади од кои не би бил поштеден ни Тел Авив

И центарот на Бејрут на удар

И центарот на Бејрут на удар

Заканите се големи, ситуацијата може натамошно да ескалира. По интензивните напади на јужните предградија на либанскиот главен град и израелските најави дека ќе бомбардира цели и во самиот Бејрут, не требаше долго да се чека на одговор: водачот на Хезболах Хасан Насралах искажа закана пренесена преку повеќе арапски, но и на телевизија во Израел: „Ако вие го бомбардирате Бејрут, тогаш ние ќе го бомбардираме главнит град на вашата ’творба‘. Ако го бомбардирате Бејрут, тогаш исламскиот отпор ќе го бомбардира тел Авив. Тој е способен за тоа, со Божја помош“.

Досега ракетите на Хезболах погодуваа исклучиво подрачја на северот на Израел. Тајните служби сепак сметаат дека проиранската милиција располага со ракети со дострел од 200 километри.

Но, Насралах, покрај заканата, сигнализира истовремено и готовност за прекин на огнот: „Сакам да подвлечам дека бомбардирањето на места на северот, на Хаифа и се’ до Тел Авив, не се акција, туку реакција. Вие ги напаѓате нашите градови, нашите села, нашите граѓани и нашиот главен град и ние реагираме на тоа. Ако вие решите да ги запрете вашите акции против нашите градови, села, граѓани и инфраструктура, тогаш и ние ќе престанеме со ракети да стреламе врз села и градови во Израел“ – рече Насралах.

Во Израел ова одвај да беше регистрирано – преголемо беше возбудувањето од говорот на водачот на Хезболах. Марк Регев, портпарол на Министерството за надворешни работи, реагирајќи на тој говор, рече дека Израел ќе се брани; најдобро, според него, било таа опасност да се елиминира - Насралах и неговиот Хезболах се непријатели на неговата земја: „Либанското население не е наш непријател. Ние сакаме подобри односи и мир со Либан“ - нагласи Регев.

И покрај израелските тврдења дека борбената сила на Хезболах веќе е значително ослабена, вчерашниот беше најтежок ракетен напад врз северот на Израел. Притоа животот го загубија најмалку 11-мина Израелци. Насралах во говорот рече дека командните структури на Хезболах се неначнати, а неговите луѓе подготвени да се борат до последниот здив, до последниот куршум.

Иако се заканува ескалација, Израел нема да придонесе за тоа, рече портпаролот Марк Регев: „Ние нема ништо да направиме за проширување на конфликтот. Ние не сакаме да бидат вовлечени во него ни Сирија, ниту Иран“. Израел се надева дека преку ОН ќе се дојде до некое политичко решение. Притоа, како што рече Регев, важно било умерените арапски и западните држави да бидат на иста страна; неутрализирањето на Хезболах било добро за сите.