1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Блер: не сум кочничар на европските процеси, туку забрзувач на неопходните промени

Британскиот премиер Тони Блер ја брани и понатаму непопустливата позиција околу европските финансии. Тој ја отфрла улогата на виновник за пропаѓањето на самитот во Брисел, што му ја наметнуваат Франција и Германија, и наместо тоа се обидува да се прикаже напротив како иноватор, како некој кој сака да ја подготви ЕУ за предизвиците на глобализацијата.

Тони Блер во Парламентот

Тони Блер во Парламентот

„Не можев да се согласам. Тоа не ќе беше добро ни за Европа, ни за Велика Британија„ – порача уште еднаш јасно и гласно Тони Блер во дебата пред британскиот Парламент. За неговите сограѓани ваквата позиција е повеќе од јасна и разбирлива. Британците сосема сигурно немаше да му простат доколку заземеше поинаква позиција и весниците ќе беа полни со обвинувања дека ги распродава националните интереси. Во јавното мнение на Обединетото Кралство ионака преовладува ставот дека тоа веќе сега плаќа премногу за Европа, а не добива доволно од неа.

Поддршка за позицијата на премиерот дојде и од редовите на опозицијата:

„Никој не е поодушевен од мене. Тоа беше исправно да се брани британскиот рабат. Премиерот има за тоа полна поддршка од нашата страна„ – порача шефот на конзервативната опозиција, Мајкл Хауард.

Но, за разлика од евро-скептиците во сопствената земја, Тони Блер спорот од самитот во Брисел не го сфаќа како принципиелно „не„ за Европа. Можеме да разговараме за тоа дали Британија треба да уплаќа и повеќе во заедничките каси, но претходно мораме да поразмислиме дали има смисла 40% од буџетот да се одлеваат во аграрниот сектор.

„... и тоа наспроти фактот што само 5% од сите граѓани во ЕУ се вработени во земјоделството. Ние даваме седумпати повеќе пари за аргарот, отколку за научните истражувања, за образованието и иновациите, за новите техники!„ – нагласува Блер. На тој начин Европа нема успешно да се соочи со предизвиците на глобализацијата во 21 век. Затоа тој е забрзувач на неопходните промени, а не кочничар на европските процеси.

На адреса на новите земји членки, кои се обидуваа да го спасат самитот и со жртвување на дел од сопствените интереси, Блер порача:

„Јас потполно ја разбирам загриженоста на новите европски земји и тоа што тие сакаат постигнување согласност околу финансиите. Ние ќе сториме се‘ за тоа да се оствари. Велика Британија отсекогаш се залагаше за проширувањето и тоа ќе продолжи да го прави. Но, да не заборавиме дека според сегашната поделба, цели 80% од средствата за аграрните и повеќе од 50% од оние за структурните и кохезионите фондови ќе продолжат да се слеваат во старите членки„ – појасни британскиот премиер.