1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Блатер ќе зборува со Платини за малата казна за Србија

Претседателот на ФИФА Сеп Блатер изјави дека планира да разговара со неговиот колега Мишел Платини за казната за Србија, поради насилството и расистичките испади на натпреварот против Англија за играчи под 21 година.

Српската фудбалска федерација беше казнета со 80.000 евра во вторникот и и’ беше наредено да ги игра следните натпревари на репрезентацијата под 21 година на празни стадиони. УЕФА ја санкционираше Србија поради насилството во европските квалификации.

Но, висината на казната предизвика критика меѓу некои од фудбалските работници, како што е Рио Фердинанд, ѕвездата на Манчестер Јунајтед. Тој ја обвини УЕФА дека не го сфаќа расизмот сериозно. Разочарување изрази и Англиската фудбалска асоцијација.

„За ова ќе разговарам со претседателот на УЕФА“, рече Блатер на прес-конференција во Токио, еден ден откако ФИФА го одржа последниот состанок на Извршниот комитет за оваа година. „Но, не знам дали тој има влијание на дисциплинската комисија“, додаде Блатер.

Казната за Србија стаса поради хаосот кој настана за време на мечот на 21-ви октомври во Крушевац, кога англискиот одбранбен играч со темна кожа Дени Роуз беше навредуван со мајмунски крици и физички беше провоциран. На крајот од мечот изби судир меѓу играчите, тренерите и спонзорите.

Освен паричната казна, двајца српски тренери и четворица играчи беа суспендирани, а таква казна добија и двајца англиски фудбалери.

За Србија вчера стаса уште една „казна“, но од поинаков вид. ФИФА на состанокот во Токио одлучи да дозволи учество на меѓународни пријателски натпревари во младинска, женска, аматерска и клупска конкуренција на тимови од Косово. Сениорскиот машки тим засега останува и натаму исклучен од меѓународните фудбалски натпревари. ФИФА во мај донесе одлука да му дозволи на Косово, кое не е нејзин член, да учествува на пријателски натпревари, но потоа ја суспендираше својата одлука откако уследија протести од Србија.