1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Блажевски: Ќе правам современа и исчашена филмска приказна

Македонскиот режисер и сценарист Владимир Блажевски е во нов филм, „Слобода или смрт“, чие снимање ќе започне во почетокот на идната година во германска копродукција.

По бунтовниот „луто скопски филм“, „Панкот не е мртов“ кој учествуваше на 40 фестивали и се закити со 11 награди, Блажевски го напиша сценариото и ќе го режира „Слобода или смрт“ за кој доби највисока финансиска поддршка што може да ја додели Филмскиот фонд на РМ (30 милиони денари) на конкурсот- за оваа година.

„Слобода или смрт“- иронична, црна комедија

Снимањето ќе започне во почетокот на идната година. Засега е извесна копродукција со Германија.

„Не сум сигурен дека ќе остане тој наслов. „Слобода или смрт“ е слоган од еден друг идеолошки и историски арсенал но, духот на овој филм што го токмам е една иронична црна комедија, па таквиот наслов е обид да се релативизираат некои фетиши кои често се злоупотребувани и во која апсурдноста и комичноста произлегуваат од овој наш забеган, апсурден и смешен свет. Во филмот, тој е опсервиран со очите на едно животно- мајмун кој избегал од зоолошката градина, а неговото бегство станува голем медиумски настан. Јавноста ќе се поларизира па некои ќе го прогласат за херој и бунтовник. Тоа ќе биде иронија на сегашноста, но не на стилизиран, сатиричен начин, туку на реалистичен - комедија на апсурдот. Цело време има некаква бркотница во филмот па ќе биде некаков ’роуд муви’ низ Скопје и околината“, вели Блажевски за ДВ.

Новиот филм- личен авторски неспокој

Во споредба со „Панкот...“ ова ќе биде сосема различен филм - по структура и енергија, но и непретенциозен - што беше силен адут на минималистичкиот, приземен и лефтерен претходник.

„Овој филм ќе биде непретенциозен, исчашен, чуден во некоја смисла- жанровски понагласена комедија. Нема потежок филмски жанр од комедија. Навидум секој знае и може, но лесно е ако се спуштиш на едно популистичко ниво, а тешко е да се создаде вистинска расна комедија. Работата со животно како протагонист во филм за мене е голем предизвик, ме радува. Во реални европски услови и овој филм не е замислен како скап филмски спектакл. Ќе има буџет двојно поголем од средствата што ги добиваме од фондот и изнесува 1 милион и 100 илјади евра. Остатокот сметаме дека ќе ги добиеме од надвор. Но, варијантата со користење на такво особено животно на филм кое мора да биде дресирано е екстремно скапа. Ептен е комплицирано така што, голем дел од буџетот веројатно ќе ни отиде на тоа, да го стокмиме да биде уверливо“, објаснува Блажевски.

Гледачите не се духовно љубопитни

Фестивалските промоции се можност да се види како во другите земји го „читаат“ филмот. Но, разочаран е од домашната публика која гледа филм „колку да помине редот“.

„Тоа што повеќе ме исполнуваше со радост беше фактот што комуницираш со луѓе кои се надвор од оваа средина. Иако тука беше релативно добро примен, јас се‘уште сум гладен за вистински духовен интерес за тоа што го правам. Промената на системот на базичните вредности резултира со една тотална вулгарна материјализација каде луѓето за жал стануваат сè посиромашни и заинтересирани само за преживување од денеска за утре. Вистинска духовна љубопитност реално - не постои. Ја доживеавме во другите земји. Ми беше ќеиф што видов дека дури и најдискретните нијанси во нарацијата беа забележани.“

Како да се добие публиката?

„Ова што сакам сега да го правам - црна комедија на апсурд, би требало да значи дека е полесно да се допре до публиката “, објаснува Блажевски.

„Никогаш не размислувам калкулантски во смисла - ’ако сега направиш ова- повеќе ќе им се бендисаш на луѓето’. Подобро функционира комуникацијата со публиката кога ќе исцедиш од себе нешто што е твое, искрено и нешто што само ти имаш причина и мотивација да го стокмиш“.

Mazedonien Vladimir Blazevski Regisseur

Владимир Блажевски

„Повеќе не сум црна овца во македонскиот филмски еснаф“

Македонскиот филмски амбиент очигледно е стимулативен, па не чекавме долго од последниот филм до овој најновиот, како од „Булевар на револуцијата“ до „Панкот...“ – 17 години.

„Од лична перспектива сега ми е супер затоа што по многу години (со „Панкот...“) се враќам да работам. За себе сметав дека сум ’црна овца’- со самиот факт што во македонска средина долго време не добивав шанса да работам игран филм. Сега со постоењето на Фондот и со колку што е можно пофер вреднување и проценка на проектите, мислам дека има надеж. Сега немам право да се идентификувам со маргиналците! Психолошки ме ’пуштија’ да влезам во нешто што може да се нарече естаблишмент“, вели Блажевски.