1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Благ пораст на невработеноста во Македонија

Според последните податоци објавени од Државниот завод за статистика, во првите три месеци од годинава 31,6 проценти од работоспособното население е невработено. Во исто време, БДП е во негатива од 1,4 проценти.

Во првото тримесечје од 2012-та година активното население во Република Македонија брои 941.019 лица, од кои вработени се 643.668 лица (или 68,4 отсто), а 297.351 лица (или 31.6 проценти) се невработени.

Споредбата со истиот период минатата година покажува дека тогаш 39,3 проценти од работоспособното население биле вработени, а сега тој процент е 38,6. Поделено по полова структура, вкупно 186.704 мажи се невработени во Македонија. Бројот на невработени жени изнесува 110.647.

Заводот за статистика информира и дека во првиот квартал од годинава е забележан негативен раст од 1,4 проценти на Брутодомашниот производ. Падови во првите три месеци се регистрирани во секторите градежништво (од 9,8 проценти); рударство и вадење на камен, преработувачка индустрија и снабдување со електрична енергија, гас и вода (од 9,6 проценти); сообраќај, складирање и врски (0,1 процент).

За истиот период, извозот на стоки и на услуги забележал намалување во номинален износ од 3,7 отсто, а увозот на стоки и услуги номинално опаднал за 4,6 отсто. Финалната потрошувачка на домаќинствата пораснала за 2 проценти.