1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Благо смирување на состојбата

Договореното примирје меѓу Хамас и Фатах на палестинските територии денеска донесе мала релаксација на ситуацијата. Според очевидци, на улиците на Газа можат да се видат многу помалку вооружени лица.

Газа

Газа

Некаде по полноќ, претставници на Фатах и Хамас постигнаа договор за примирје. Со него треба да завршат судирите, вооружените лица да се тргнат од улиците, а припадниците на безбедносните сили да се вратат во касарните. Освен тоа, двете организации имаат намера да ги ослободат киднапираните во последните денови и повторно да почнат разговори за формирање влада на национално единство. Примирјето е постигнато со посредство на три помали политички организации на Палестинците и тоа исламски Џихад, Демократскиот фронт и Народниот фронт за ослободување на Палестина.

Тензиите во регионот повторно се зголемија откако претседателот Абас побара предвремени избори, кои според него треба да ја решат политичката криза во Палестина. Владата на Хамас го одби предлогот како противуставен. Но, Абас предлогот го разгледа и со државната изборна комисија. За сега не се објавува можниот термин за избори. Првиот човек на изборната комисија, Хасан Насер, изјави дека на гремиумот му се потребни околу три месеца за подготовки на изборите од моментот кога тие официјално ќе бидат објавени со декрет:“Кога тој ќе одлучи да се одржат избори треба да поднесе декрет за кој се потребни околу 120 дена за негова имплементација. Ако има некои луѓе кои ќе се против ваквиот декрет има суд и таму може да го решат тоа. Правна рамка за поднесување декрет има”, изјави Насер појаснувајќи ги правата на претседателот. Професорот на палестинскиот универзитет, Џихад Хамад е скептичен околу исправноста на одлуката на Абас:“Ситуацијата е многу сериозна откако претседателот Абас објави дека сака да се одржат предвремени парламентарни и претседателски избори. Тоа е политичко, а не уставно решение. Очигледно е дека Абас во случајов не се држи до уставот, туку се повикува на свои неограничени права кои ги има по ова прашање“.

Сепак, Абас изборите сеуште ги има само најавено, но не и определено датум за нивно одржување. Многумина затоа шпекулираат дека тој повлекол само шаховски потег за да го стави Хамас под притисок да најде со Фатах согласност околу влада на национално единство. Други пак веќе почнаа со изборна борба. Една анкета објавена вчера покажа многу комплексна ситуација. Според истражувањето, имено, Фатах би можел да победи на предвремени парламентарни избори, но во трката за претседателската функција Махмуд Абас има само еден процент гласови повеќе од неговиот можен предизвикувач, Исмаил Ханија.