1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Благодарност до САД

Ангела Меркел е првиот германски канцелар, кој зборуваше пред двата дома на американскиот Конгрес. Меркел ја искористи можноста во очи 20-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид за да им се заблагодари на САД за помошта.

default

Ангела Меркел во Конгресот

Собраните пратеници во американскиот конгрес беа одушевени: пред нив стоеше олицетворение на успешната историја на Германија, во која САД има решавачко учество: една источногерманска физичарка, избрана како прва жена премиер. Во својот говор Ангела Меркел постојано се навраќаше на личната судбина, поврзувајќи ја со онаа на својата земја. Потсети на одговорноста на Германија за стравотиите во Втората светска војна, но и на блокадата на Берлин и изградбата на Ѕидот. Од свое искуство кажа што значел тој за источните Германци, како изгледал животот зад него. Доби големи аплаузи за изразената благодарност за ангажманот на САД за слободниот дел на Греманија, кој на крајот водеше до повторното обединување на земајта: „Знам, ние Германците знаеме, колкава благодарност им должиме на американските пријатели. Никогаш не можеме тоа да го заборавиме.“

Меркел, која пред говорот се сретна со американскиот претседател Барак Обама, ја потенцираше поврзаноста на Германија, САД и Европа, која не се темели само врз заедничките интереси, туку и врз заедничкиот систем на вредности: „Америка и Европа можеби не делат секогаш исто мислење. Едните ги сметаат другите понекогаш за премногу претпазливи и страшливи или обратно, самосвесни и продорни. Но, длабоко сум убедена дека за Евроопа не постои подобар партнер од Америка и обратно.“

Да се урнат ѕидовите на 21-от век

Merkel vor dem Kongress in Washington

Канцеларката одржа говор пред американските конгресмени и сенатори

Меркел во својот говор се осврна и на други теми. Се заложи за ангажман на Германија во Авганстан, го потенцираше значењето на Г20 и формирањето нов глобален поредок за финансиските пазари, барајќи долгорочна светска економска политика. Германската канцеларка го потврди правото на постоење на Израел и својата поддршка за решение со постоење на две држави, израелска и палестинска. За спорот со атомската програма на Иран подвлече: „Во рацете на иранскиот претседател, кој го негира холокаустот, му се заканува на Израел и му го одрекува правото на постоење, не смее да дојде атомска бомба.“

Меркел се заложи и за борба против промената на климата, во што не смее да се губи воопшто време, на самитот во Копенхаген во декември мора да биде постигнат договор. Тука се на потег Европа и Америка, смета Меркел.

Во конгресот таа доживеа долготрајни аплаузи, но за последната тема одобрение доби само од демократите - републиканците, главни кочничари во донесување закон за климата, останаа демонстративно на седиштата.

Автор: Кристина Бергман / Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM