1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Би било добро законот за полиција да добие широк консензус“

Донесувањето на законот за полиција е важна работа и се надевам дека ќе биде донесено со поголем консензус, смета гермаснкиот амбасадор во Скопје Ралф Андреас Брет во интервју за Дојче Веле.

Скопје

Скопје

ДВ: Господине Брет која е позицијата на Германија по обединувањето? Дали е една од највлијателните?

Ралф Андреас Брет: Германија сигурно има мошне големо влијание но лично не би ја гледал како водечка сила туку како средно моќна земја во Европа.

Каква е улогата на Германија во процесот на падот на комунизмот?

Паѓањето на комунизмот се одвиваше истовремено во повеќе земји, неможе да се каже дека Германија го предводеше тој процес, земјата имаше поддршка од Унгарија на пример со отворањето на нејзините граници. Во Германија кулминираше падот на комунизмот ако може така да се каже бидејќи Германија беше поделена.

Каква е улогата на Германија во македонската транзиција?

Германија како голема земја во Европската унија секако дека има голема улога во се’ што се случува во и околу ЕУ. Секако дека има голема улога и во билатералните односи со Македонија. Германија има мошне голем број на проекти во Македонија на пример во однос на легислативата, на законската регулатива, во однос на заштита на човековата околина, во однос на реформирање на економијата кон пазарно стопанство. Освен споменатите програми имаме активности во областа на невладините организации во областа на политичките фондации, соработка исто така има во локалната самоуправа, натаму во областа на социјалата.

Како ги коментирате изјавите на германскиот канцелар Ангела Меркел дека проширувањето на Европската унија треба да биде забавено?

Тоа што го кажа канцеларката Меркел беше дека паралелно одвивање на од една страна интеграцијата во самата Унија и од друга страна проширувањето на ЕУ не е можно. Тие два процеса не можат да се случуваат истовремено и исто така, канцаларката кажа дека не би било чесно на другите земји аспиранти да им се даде некаква надеж на краткорочни перспективи во однос на зачленувањето во Европската унија, меѓутоа тука категорично ги иззема земјите од Балканот, значи сето тоа што претходно го кажа не се однесуваше на земјите на Балканот, европската перспектива за земјите од Западниот Балкан останува да важи како што беше случај и пред тоа.

Дали се реализирани германските интереси на Балканот? Каква ќе биде позицијата на вашата земја при решавањето на следното отворено прашање – косовското?

Позицијата на Германија е дека земјата е мошне заинтересирана за стабилноста и просперитетот на Балканот. Една од причините за тоа е секако и географската положба на Германија, сепак сме прилично блиску до овој регион. Ако пошироко се гледа постојат обемни германснки инвестиции во регионот. Што се однесува до косовското прашање, германскиот интерес исто така се однесува пред се’ на стабилноста на покраината, мирно Косово и благосостојба, меѓутоа тој процес сеуште не е завршен. Исто така морам да кажам дека нема поодделни иницијативи на Германија, туку земјата е активна таму каде што е активна и Европската унија, Германија учествува во сите тела што се занимаваат со тоа прашање, на пример во Контакт групата, и исто така го поддржува Ахтисари во напорите за решавање на тоа прашање“.

Може ли Германија да ја поддржува Македонија како лобист во ЕУ интеграциите, по примерот на Хрватска?

Не би сакал да го употребувам терминот лобист. Германија како една од земјите основачи на Европската унија секако дека е дел од жирито ако може така да се каже кога станува збор за Македонија. Ние мора да бидеме објективни при оценувањето на состојбите, но тоа не ја исклучува нашата натамошна поддршка и помош за Македонија а потврда на тоа се големиот број билатерални програми и проекти за поддршка. Германија како членка на Унијата чиј што интерес е стабилноста на регионот пред се, секако дека неможе да прави исклучоци за само една земја.

Како ја оценувате состојбата во Македонија? Може ли земјата со сегашното ниво на корупција да ги достигне европските стандарди?

Европската унија редовно ја разгледува состојбата во Македонија, редовно подготвува извештаи за напредокот во сите области. Секоко дека неможе да се направи еднаков напредок во сите сфери, и секако дека проблемот со корупција сеуште е присутен но моментално гледаме дека има активности во оваа област, дека во Македонија проблемот со корупција се сфаќа сериозно и сериозно се работи на надминување на тој проблем. Меѓутоа ние како амбасада не сме истражен орган и од таа причина имам потешкотии да квантифицирам во која мера е надминат тој проблем“.

Како ги оценувате актуелните проблеми во македонсиот парламент? Законот за полиција е еден од клучните услови што ги постави Унијата.

Сметам дека е мошне добро што конечно тој закон се форсира, се работи на донесувањето на тој закон, бидејќи ЕУ уште од 2004-та година условно кажано притиска да се донесе тој закон. Би било добро секако ако тој закон добие широк консензус, поддршка и од опозицијата. Како што гледам моменталните дискусии што се водат за законот тој консензус може да се постигне само делумно, меѓутоа и двете страни, и позицијата и опозицијата се спремни на компромис. Сеуште имаат различни позиции но се работи на надминувањето на тие разлики, во ставовите околу законот.

Можно ли е да се очекуваат проблеми во натамошната имплементација на Охридскиот договор, ако се имаат предвид последните оценки на некои од потписниците дека договорот веќе не функционира?

Иако Охридскиот рамковен договор навремето настануваше во една одредена ситуација сметам дека и ден денес тој договор е добар и треба да биде правилник за натамошното организирање на меѓуетничките односи. Договорот мора и натаму да се имплементира, има уште неколку точки на кои можеби треба поинтензивно да се работи. Од една страна е проблемот со употребата на јазиците на етничките заедници, а од друга страна е соодветно застапување на припадницте на другите етнички заедници во јавната администрација. Исто така децентрализацијата, иако во 2005 официјално стапи на сила, сепак сметам дека тука има уште работа. Во однос на финансиите на комуните и општините исто така треба да се работи на потполно пренесување на компетенциите во рацете на општините.

Каква е билатералната соработка меѓу Македонија и Германија, Може ли земјата да очекува нови инвестиции од Германија? Зошто сеуште ги нема Сименс и останатите германски компании?

Што се однесува до доаѓањето на Сименс, јас лично присуствував во јуни годинава на потпишувањето на писмото за намери. Морам да признаам дека не се сеќавам на точната содржина но стануваше збор за развој на одреден софтвер, производство на енергија. Сименс како што знам сеуште е заинтересиран, но очигледно недостигаат уште некои детали за кои немам информации но морам исто така да истакнувам дека претрпијатија или компании лично одлучуваат дали ќе инвестираат во една земја. Јас гледам можности за инвестирање и на други германски компании во Македонија, на пример во областа на прехрамбената индустрија, во областа на туризмот, или пак како што се вели во Македонија во лон - производството. Исто така сметам дека со ангажирањето на двајца министри за привлекување на странски инвестции Македонија покажува дека навистина работи на тоа и е на добар пат во иднина да привлече и нови германски инвестиции.

Дали Македонија може да ја загуби поддршката на Германија поради одредени случаи како на пример случајот Ел Масри?

Овој случај што го споменавте не би го ставил во преден план во однос на одлуката дали да се инвестира или да не се инвестира во Македонија. Тоа беше еден конкретен случај во однос на кој постои барање за правна помош, дали натаму ќе има повеќе работа околу тој случај не знам, но за соработка во областа на инвестициите некои други работи се поважни. Една од нив е законската регулатива, натаму транспарентноста, еднаквиот третман. Овие фактори се од поголема важност отколку тој еден случај“.

Мислев на политичката поддршка.

Секако дека тој случај се зема предвид но бидејќи политиката размислува подолгорочно неможе никако да влијае врз целокупните политички односи помеѓу двете земји бидејќи во која било соработка со која било друга земја секогаш постои некаков случај. Политиката се крои долгорочно така што овој случај сигурно нема да ги загрози односите.

Ќе добие ли Македонија покана за старт на преговори за членство во ЕУ до крајот на Вашиот мандат како амбасадор во Скопје?

Според моето лично размислување и оценување, сметам дека постојат реални шанси пред истекот на мојот мандат Македонија да добие термин за почнување на преговори за членство меѓутоа често пати во разговори овде често пати констатирав дека луѓето мислат дека ние имаме скриени планови или тајни агенди во фјоките. Тоа не е така, ние работиме на долгорочен развој. Нема веќе задни дворови во политиката ако може така да се каже, и уште еднаш ќе повторам, според мое лично убедување има реални шанси тоа да се случи пред истекот на мојот мандат.

Дали по повеќе од една година колку што сте во Скопје забележувате одреден напредок во свеста на луѓето? Стануваат ли македонските навики постепено европски?

Јас дојдов во Македонија на 2 август 2005 - та и малку е тешко да се споредува ситуацијата од пред една година, меѓутоа би сакал да се осврнам малку на секојдневието. Не на работите кои ги следи Европската комисија туку на секојдневниот живот тука. Нешто што навистина ми паѓа в очи е на пример сообраќајот. Возилата се паркираат каде што ќе стигнат, се нема обзир спрема пешаците и така натаму. На таквата состојба во сообраќајот треба да се работи. Тоа е нешто наједноставно што ниту чини пари, ниту бара некој посебен ангажман, но сепак тоа се некои норми во однесувањето кои треба да се променат.

  • Датум 04.10.2006
  • Автор Интервјуто го водеше Горан Петрески
  • Печати Испечати ја страната
  • Пермалинк http://p.dw.com/p/Adbu
  • Датум 04.10.2006
  • Автор Интервјуто го водеше Горан Петрески
  • Печати Испечати ја страната
  • Пермалинк http://p.dw.com/p/Adbu