1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

БиХ - држава пред распад

Претставниците на ЕУ и во БиХ треба да водат кризни разговори. Зашто, и таму се проширија протестите. Ако не се најде никакво решение, државата дефинитвно се соочува со пропаст.

„Ова не води кон ништо“, сметаше американската министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс, кога во 2005. година сакаше да преговара со државното раководство на БиХ за уставна реформа на балканската држава. Во американското министерство не се појави само еден, туку тројца претседатели, еден Хрват, еден Србин и еден босански муслиман. При секое обраќање кон нив, таа мораше да ги ословува сите поименично и потоа на секого да му остави време за одговор, се сеќава Рајс во своите мемоари.

Нејзините напори за намалување на комплицираните и неефикасни структури на власта, останаа неуспешни. Сепак, состојбата не се влоши, констатираше таа во 2009. година завршувајќи го мандатот како државен секретар. Исто како и Рајс, во меѓувреме на БиХ „ги скршија забите“ повеќемина политичари, дипломати и експерти.

Тројца претседатели, единаесет премиери

До денес државата од околу четири милиони население ја раководат не само тројца претседатели, туку и единаесет премиери и исто толку влади со вкупно над 100 министри. На врвот се наоѓа слаба централна влада, која треба да ги држи заедно Република Српска и Босанската федерација. Последнава се состои од десет кантони. Овие структури треба да одговорат на етничкиот и верски плурализам од православни Срби, босански муслимани и католички Хрвати.

А над сите нив се наоѓа и Високиот претставник на меѓународната заедница за Босна и Херцеговина, во моментов Австриецот Валентин Инцко. Тој може да отпушта функционери, да формира нови служби и да воведува закони или да ги укинува. Мандат за тоа му дава резолуција на ОН. Претходниците на Инцко оваа можност ја користеа некогаш повеќе, како Британецот Педи Ешдаун, или помалку како Германецот Кристијан Шварц-Шилинг.

Мировен договор, неадекватен како устав

Основата на структурата е Договорот од Дејтон, кој во 1995. година го издејствува американскиот дипломат Ричард Холбрук во преговори со конфликтните страни, во чија меѓусебна војна од 1992. година имаше над 100 илјади жртви.

Дејтонскиот договор се покажа многу успешен како мировен, но во форма на устав е многу комплициран, изјави неодамна Инцко за австрискиот „Куриер“.

Примирјето меѓу Бошњаците, Србите и Хрватите се одржа. Босна се задржа како територијална целина. Но, меѓународната заедница ја испушти балканската криза од вид, а натамошниот развој на Дејтонскиот договор беше заборавен.

Постигнатиот договор не одговара вистински ни на желбите на населението. Србите со нивната Република Српска би сакале колку што е можно да се осамостојат. И Хрватите бараат поголема самостојност, додека муслиманите стремат кон посилна централизација. Политичките елити се „вгнездија“ во структурите формирани и контролирани од странство.

Бирократски монструм кој голта пари

Она што требаше да доведе до праведност меѓу Босанците, Хрватите и Србите, во крајна линија го поттикнува национализмот и прерасна во бирократски монструм, кој државата не може да си го дозволи. Најмалку 40 проценти од Босанците работат во државниот сектор. Пратениците, според агенцијата Ројтерс, заработуваат 3.500 евра месечно, што е десетпати повеќе од просечната плата во државата.

Политичарите притоа се грижат за тоа да ги протежираат не само нивните ентитети, туку и нивните пријатели и роднини. Така, стопанството е проткаено со корупција и непотизам. Оној кој сака непречeно да се занимава со трговија, мора редовно да ги потплатува незаситните партиски богаташи и функционери, пишува експертот за Балкан, Душан Рељиќ на веб-страницата на фондацијата Наука и политика во Берлин. Приватизацијата на стопанството заврши со грабеж. Судството е преслабо развиено за да може да стави ред. #bbig

Фронт меѓу профитерите и обесправените

Политичката елита не сака да се откаже од овие структури. Но, и таа малку се идентификува со заедничката држава, исто како и населението. Реформскиот застој во меѓувреме е толкав што приближувањето кон ЕУ и планираниот прием се се‘ позагрозени. Есеноска ЕУ се почувствува принудена да ја преполови својата финансиска поддршка на БиХ за 2013. година од 108 милиони евра.

На ваков начин, елитата долгорочно си ја сече гранката на која седи. Во стопанството речиси и да нема инвестиции, а напредува деиндустријализацијата. Нема работни места и не постојат поволна бизнис-клима и услови за формирање претпријатија. Соодветно на тоа расте фрустрацијата кај оние кои не профитираат од социјалните поволности, како воените ветерани и кои поради немање врски се без шанса да добијат служба во државната администрација.

На почетокот на февруари беше запален фитилот. Еден протест против фабрички сопственик во Тузла, кој долго се влечеше, се прошири на други делови од земјата и прерасна во насилство. Во овој случај фронтот е меѓу запоставеното население и политичката елита. Но, некои, на пример претседателот на Република Српска, Милорад Додик, ги искористија безредијата за да побараат растурање на државата.

Реформи или распад

Со оглед на немањето политичка волја за реформи, се чини се‘ пооправдано прашањето дали недовршената творба на државата некогаш воопшто ќе функционира. Неизвесно е дали е реална и калкулацијата на ЕУ, дека со прием на државата во Унијата ќе избледат разликите во интересите меѓу Бошњаците, Хрватите и Србите, слично како што беше во случајот со државата Југославија.

Затоа, многумина министри за надворешни работи од ЕУ пледираат на Босна и Херцеговина да и‘ се даде побрзо перспектива за членство во Унијата заради поттик на реформите, пред во октомври да бидат избрани новите претседатели и парламенти. Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг протестите на народот во БиХ ги нарече „повик за будење“.

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе во вторникот разочарано објави крај на своето посредување, по дводневните преговори со врвните политичари во БиХ.

Перспективите за државата се чини се мрачни. Или под притисок на народот и со енормни напори ќе успее сепак една темелна реформа на Дејтонскиот договор или на БиХ и‘ се заканува распад. А тоа е токму она што татковците на Дејтон, на чело со Ричард Холбрук, своевремено се обидоа да го спречат.