1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Битка со криминалот и корупцијата или реваншизам?

Што велат граѓаните и експертите за борбата против корупцијата и политичките пресметки?

default

Освен што ја вжешти политичката сцена во Македонија, последната акција во која главен осомничен за криминал тежок три милиони евра е поранешниот премиер Владо Бучковски ја подели јавноста. Граѓаните сакаат да ги видат криминалците зад решетки но во одредени случаи гледаат политичка заднина. И експертите имаат различно толкување. Сите се единствени во барањето да не се прават спектакли од апсењата и да се остави судот да ја утврдува вината. Сашо е млад Скопјанец кој засебе тврди дека не е политички определен: ”Да се престане со тоа – земи стави ги лисиците и ајде оди, еве го човекот, го обележавме, го жигосавме. Мислам дека судот си е за тоа да си каже кој е виновен, кој не е виновен, но сепак мислам дека ако премиерот решил да се фати со борба противкорупцијата треба да се заврти и околу своите редови.”

Исо Руси од Хелсиншкиот комитет за човекови права вели дека во Македонија се злоупотребува мерката притвор: ”Работата е уште посериозна бидејќи имаме сознанија дека вакво одредување мерка притвор е речиси редовна практика, но сега во овој случај бидејќи Бучковски е во прашање, тоа добива публицитет, а цената ја плаќаат за жал, обичните луѓе, без сето тоа да добие јавност и без да можат да се одбранат од вака, би рекол, слободното толкување на кривичниот законик и законот за кривична постапка.”

Мислењата се поделени

Некои граѓани сметаат дека власта се пресметува со политичките противници, други дека им се реваншира.

"Чиста политичка пресметка. Не се ништо подобри од претходните, само им враќаат на исти начин на кој што овие се обидуваат да ги насамарат", вели една граѓанка, а друг додава:

”Им враќаат за симнувањето на имунитетот на Љубе Бошкоски. Значи, чист реваншизам.”

Дел од анкетираните се уверени дека надлежните добро ја водат битката со криминалот и корупцијата, како оваа млада девојка:

”Важно е само тие што краделе да се најдат онаму каде што треба, а не е важно дали е тоа политичка пресметка или не.”

Професорот Ѓорѓи Марјановиќ вели дека власта треба да истрае во намерата да се справи со организираниот криминал, но при тоа не смее да биде селективна: ”Јасно е дека СДСМ сега ќе лелека дека е ова реваншизам. Како, можете ли вие само за да оставите привид дека не сте реваншистички расположени, да им простите за тоа што, да речеме, си направиле станови по 200 квадрати?"

Поранешниот премиер Владо Бучковски е последен во низата звучни имиња обвинети за криминал. Претходно апсени беа познати лекари, бизнисмени, судии и адвокати. Власта се пофали дека за само осум месеци за корупција се осудени повеќе од 90 лица. Владиниот портпарол Ивица Боцевски ги издвои најголемите случаи: ”Го имаме случајот претседател на Основен суд, Бачило 1 и 2, урбана мафија, Славија, РЕК Битола, велешка Топилница, директор на Царинска управа, хирург, четири полицајци, примање поткуп на царина, доктор, Кинески ѕид, шверц на емигранти и шверц на армиско оружје."

Битката со криминалот и корупцијата е една од клучните задачи кои Брисел и‘ ги наметна на Македонија како услов за добивање покана за членство во НАТО и датум за преговори со Европската Унија.