1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Битка на нерви во Тулуз

Во Тулуз и натаму трае битката на нерви меѓу француската полиција и осомничениот сериски убиец. Пред зградата во којa тој е забарикадиран веќе 24 часа, предизвикани се неколку експлозии во функција на заплашување.

Француската полиција се обидува преку тактика на деморализирање да го принуди осомничениот убиец од Тулуз да се предаде. Повеќе од 24 часа тешко вооружени полицајци ја држат опколена зградата во која се наоѓа напаѓачот. Тие го исклучија снабдувањето со гас и електрична енергија во станот во кој тој е забарикадиран, а пред зградата предизвикаа неколку експлозии за да го заплашат. Француското министерство за внатрешни работи ги демантира шпекулациите дека започнал напад за насилен влез во зградата.

Полицијата очигледно се обидува да го исцрпи физички и психички осомничениот и да го совлада со помал ризик. 23-годишниот Французин со алжирско потекло вчера најави дека попладнето ќе се предаде, но очигледно го променил мислењето. Со него веќе не се одржува никаков контакт. На почетокот на акцијата осомничениот убиец отвори оган од автоматско оружје и рани најмалку двајца полицајци кои се обиделе да се приближат до станот.

Полицијата успеа да го идентификува напаѓачот преку трагите кои ги оставил на интернет. Се работи за екстремист близок до Ал Каеда, а неговото име е Мохамед Мерах. Во телефонски контакт со полицијата признал дека за вчера планирал уште еден напад против војник и убиство на двајца полицајци. Мерах пред три дена изврши напад врз еврејско училиште во Тулуз, каде уби три деца и еден наставник, а претходно тројца француски војници со африканско потекло.

Уапсени се повеќе лица од неговото опкружување, меѓу кои двете сестри и братот, како и неговата мајка. Еден од браќата е симпатизер на екстремистичките салафисти, мајката подолго време била следена поради блискоста со радикалните салафисти. Од француското министерство за внатрешни работи сепак истакнуваат дека осомничениот убиец делата ги извршил сам и дека тој самиот веќе подолго време бил следен од страна на тајните служби.

Во разговорите со полицијата вчера (21.03) Мерах изразил жалење што не убил повеќе луѓе, неговата желба била да ги одмазди убиените палестински деца. Тој престојувал во Авганистан и во Пакистан. Властите од Кандахар, Авганистан, како и неговиот адвокат, ја демантираа меѓутоа информацијата дека во 2007-ма година осомничениот убиец од Тулуз бил во авганистански затвор.