1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Битка за гласовите на мигрантите

Околу 10 проценти од граѓаните со право на глас во Германија се со странско потекло, а тоа е избирачки потенцијал кој не е за занемарување. Германските партии се борат за секој глас на овие милиони избирачи.

Предизборна кампања во Херне. Речиси една четвртина од жителите овде се доселеници. Ајдан Озогус е партиски моќник - таа е заменик-шеф на социјалдемократите. Со истакнати локални личности се бори за гласовите на мигрантите. По потреба ја презема и улогата на преведувач. Озогус е за позасилен анагжман околу мигрантите.

„Свесно да им се посветиме: да одиме во секоја улица во околината на железничката станица. Да одиме навистина таму, каде многумина луѓе веќе и не одат, каде другите партии велат - ’Остави, нема веќе да се трудам да ги придобијам. Ќе се концентрирам на квартови во подобри делови на градот‘ или слично. А, ние велиме - ’Не, се’ е дел од нашиот град‘“, вели потпретседателката на СПД.

Дел од Херне е и златарницата „Анталија“. Во предизборната тура овде старите социјалдемократи се среќаваат со новите Германци. Тие се работници, или службеници, или трговци. тие веќе не сакаат да бидат бележани како Турци, како странци.

„Кога зборувам за Германија, на пример кога станува збор за автомобили, јас секогаш велам ’Ние правиме најдобри автомобили‘. Значи, таа веќе ни е татковина“, објаснува трговецот Енгин Чакал.

Migranten und Wahlen 2009

Дел од мигрантите сметаат дека политичарите ветуваат многу, а менуваат малку работи

Партиите како никогаш досега настојуваат да ги придобијат доселениците. Станува збор за подобри шанси за образование, или за можност за двојно државјанство.

Ангажманот на Ајдан Озогус за мигрантите е резултат на калкулациите на нејзината партија. Многумина од новите Германци досега не гласаа, а претежно се симпатизери на социјалдемократите. Како ќерка на доселеник од Турција, таа сака да сигнализира:

„Нам ни е многу, многу важно да кажеме: креирајте и вие - дојдете, избирајте, соработувајте; значи, внесете се во политиката. Во таа функција е и ова директно обраќање“.

Но, многумина сепак остануваат скептични, посебно спрема политичарите во предизборната борба. Партиите не им се атрактивни. Многумина ги доживуваат како родители кои на децата им ветуваат се’.

„Што и да посакаат децата, им прифаќаме, а потоа ги оставаме работите како што нам ни одговара. Исто е и со партиите! На почетокот за се’ се вели да, в ред, се’ ќе биде добро, а на крајот останува се’ по старо“, вели една мигрантка.

„Потоа се’ се заборава... Така е“, се надоврзува друга мигрантка.

Предизборната кампања е напорна за политичарите. Многу термини, многу средби. И многумина мигранти сакаат да бидат оставени на мир. Ајдан Озогус се смее: во тоа доселениците се сосем исти како и сонародниците - староседелци.