1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Битка за водата во Европа

Германските локални власти и граѓани протестираат против ЕУ директивата која овозможува приватизација на системите за снабдување со вода. Критичарите велат дека тоа би можело да води кон насилни приватизации

Конкурентноста е добра за бизнисот, гласи познатиот аргумент. Повеќе конкуренција води кон пониски цени и често кон подобри продукти, сметаат во Европската Комисија од каде произлезе планот за регулација на водните извори. Доколку успее планот на комисијата, приватни компании ќе бидат во можност да добиваат концесии за управување со јавни системи за снабдување со вода.

Досега, снабдувањето со вода во Германија беше во надлежност на локалните власти. Најчесто градските совети управуваат со водните системи кои се грижат за доставата до секое семејство. Понекогаш советите им даваат концесии на приватни оператори, но многу ретко, управувањето со водните ресурси е целосно во рацете на приватници.

Директивата за концесии за јавните добра која се однесува и на водните ресурси има за цел да го израмни пазарот низ цела Европа. Европската Комисија го презентираше во 2011 година. Во март годинава планот треба да се најде на расправа пред Европскиот парламент. Локалните власти инсистираат на нивното право на самоуправа и не сакаат да им бидат издавани наредби од Брисел. Притоа, тие инсистираат дека управувањето со водата мора да биде адаптирано на регионалните услови.

„Можете да ја комбинирате струјата, но не можете да ја комбинирате водата“, вели Ханс Јоаким Рек, челник на здружението на локалните власти. Тој стравува дека доколку компаниите кои работат низ цела Европа го преземат управувањето со водите во Германија ќе се доведат во прашање хигиенските стандарди.

Hans-Joachim Reck

Ханс Јоаким Рек

„Локалното население имаше лошо искуство насекаде низ Европа каде што се приватизираа водните извори“, вели Рек, посочувајќи го како пример Париз, каде властите го вратија под своја контрола водниот систем, откако првично го приватизираа.

Лоши искуства

Во Германија, Берлин е добар пример за тоа што може да се случи доколку се приватизира управувањето со водите. Цените на водата во главниот град постојано растат, а денес достигнаа пораст од над 30 проценти, вели експертот за управување со води во синдикатот Верди Матијас Ладштетер.

„Од тие 30 проценти, најмалку 5-6 отсто се чист профит кој не беше инвестиран во развој на водната инфраструктура“, вели Ладштетер. Наместо да инвестираат во системот, компаниите си го ставаат профитот в џеб. За разлика од локалните власти кои имаат обврска да се грижат за јавното добро, приватните се профитно ориентирани, објаснува експертот.

Градот Лондон е еден од најдобрите примери за злоупотреба на водниот систем како резултат на приватизација, вели Евелин Гебхард, германска европарламентарка која ги застапува социјалдемократите. Во британскиот главен град 40 отсто од водата истекува во земја бидејќи приватните компании не инвестираат во инфраструктурата, вели таа.

Неповолен систем

Evelyne Gebhardt ARCHIVBILD

Евелин Гебхард

Експертот Ладштетер стравува дека со директивата на ЕУ локалните власти ќе бидат принудени на приватизација. Имено, тие ќе бидат принудени да објават тендери за управување со водното богатство, доколку не се целосно во јавна сопственост. Иако мнозининството општини управуваат со водните ресурси, локалните власти ќе мора да ги земат предвид веќе приватизираните системи за електрична дистрибуција и јавен транспорт. Затоа што, за разлика од мнозинството ЕУ земји каде овие три системи се водат одвоено, во Германија тие се сметаат за еден систем. Токму овој систем кој спојува различни сектори не е поволен за германските локални власти.

И доколку тоа доведе до приватизација, тогаш критериумите за одржување мора да бидат многу јасни, вели европарламентарката Гебхард:

„На јавен тендер, концесијата не смее да ја добие тој со највисока понуда, туку оној кој ќе понуди највисок квалитет“.