1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Битката на Тибетанците продолжува

Нов шеф на тибетанската влада во егзил, со седиште во северна Индија, е Лобсанг Сангај. Тој денеска (27.04) официјално стапува на функцијата во седиштето на владата на Тибет во егзил во индискиот град Дарамсала.

default

Далај Лама најави повлекување од политичката функција во владата на идниот премиер

Самиот надворешен изглед на Лобсанг Сангај говори за промената. Имено, неговиот претходник беше монах, со избричена глава, повлечено однесување и промислени изјави. Лобсанг Сангај речиси секогаш носи костум, има 43 години, значи околу 30 години помалку од неговиот претходник, има една четиригодишна ќерка, и предава право на реномираниот Универзитет Харвард во САД. Самиот Сангај никогаш не го доживеал Тибет, роден е во индискиот град Дарџилинг.

„Постарите правеа се‘ што можат и успеаја да го одржат во живот нашето движење. Сега ние треба да го продолжиме нивното дело и да ја преземеме одговорноста, за да се исплати макотрпната работа на претходните генерации и најпосле да воспоставиме мир во Тибет“, вели Лобсанг Сангај.

Најголем предизвик е остварувањето дијалог со Кина

Деновиве Лобсанг Сангај треба да отпатува за Дарамсала и до летото да се запознае со претстојните задачи. Централни аспекти на неговата работа се образованието на младите Тибетанци, здравствената политика и хармонијата на тибетската заедница во егзил. Но, пред сето тоа стои прашањето дали Сангај ќе добие пристап до кинеската влада, потврдува и сегашниот тибетански премиер Лобсанг Тензин:

„Најголемиот предизвик е остварувањето дијалог со Народна Република Кина. Пред се‘ не се знае каква ќе биде реакцијата на Кина, доколку Далај Лама наеднаш се повлече. Тоа ќе биде предизвик за новиот тибетски премиер.“

Неопходна е помошта на Далај Лама

Dalai Lama in New York vor Flagge von Tibet

Улогата на Далај Лама во односите со Кина е многу голема

Лобсанг Сангај веќе има политичко искуство. Меѓу другото, тој беше претставник во Сенатот во Вашингтон за време на бунтот во Тибет во 2008 година, како лобист за правата на Тибетанците. Притоа тој организираше конференции со кинески научници, што се смета за негов придонес за дијалогот со Кина. Сепак многумина Тибетанци стравуваат дека тоа ќе биде преголем товар за Сангај, без помошта на Далај Лама како политички лидер. Лобсанг Тензин мисли поинаку:

„Тоа не е товар, туку голема шанса за мојот наследник, да му служи на тибетскиот народ со уште поголема одговорност, отколку јас досега.“

Но, за Лобсанг Сангај е јасна барем неговата голема политичка цел, која го поврзува со повеќето Тибеќани во егзил и нивните сонародници во Тибет.

„Неговата светост да се врати на тронот во нашиот главен град Ласа. Но, за тоа е потребен поголем ангажман на тибетанските младинци во странство, за да дојде денот кога конечно ќе се соединат семејствата во Тибет и во странство“, истакнува Сангај.

Сепак и Сангај нагласува дека и доколку Далај Лама се повлече, тој нема да може да владее без негова помош. Значи Лобсанг Сангај често ќе бара политички совети од неговиот духовен водач, дури и ако тој се повлече.

Автор: Јирген Веберман / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Симе Недевски