1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Био-гориво или парче леб?

Наместо прехрамбени производи, на полињата се‘ почесто се садат растенија од кои се добива био-гориво. Последица се се` поголемиот број прегладнети лица во светот. И Германија на одреден начин придонесува за ова.

default

Главните причини за се` поголемиот број прегладнети лица во светот е одземањето на земјата од самостојните земјоделци, на која тие садеа прехранбени производи, за на неа сега да се посадат растенија кои служат за добивање на био-гориво и палмино масло. Јужна Кореја и други азиски земји се особено активни на африканскиот континент, каде откупуваат почва и одгледуваат прехрамбени производи за сопственото население. Роланд Хере, референт за аграр во невладината организација ФИАН, која се ангажира за владеењето на ова право за сите луѓе во светот, тврди дека Германија со својата конкретна политика придонесува за зголемувањето на гладот во светот. Иако земјата досега не практикувала откупување земјиште во трети земји, за таму да произведува прехранбени производи за свои потреби, таа во изминативе дваесетина години тесно соработуваше со Светската банка. Со ова Германија придонесе за уште поголемо распространување на оваа сомнителна практика.

Deutschland Landwirtschaft Symbolbild Biosprit

Секоја година се поголем удел на био-горивото во вкупните потреби на земјата

„Како пример може да го земете Мадагаскар. Таму Германија, заедно со Светската банка, форсираше либерализација на пазарите. Како резултат на оваа политика, во оваа земја можат да се закупи почва за период од 99 години. Ова го немаше до средината на 2008 година. Тогаш беше донесен овој закон, за чие изгласување многу се ангажираше и Светската банка.“

Критика за германската влада

ФИАН, „Гринпис“ и други невладини организации ја критикуваат германската влада дека во рамки на ЕУ го поддржува одгледувањето на култури за добивање био-гориво на полињата во Латинска Америка и Азија, кои порано биле користени за снабдување на населението со прехранбени производи.

„Германската влада, заедно со ЕУ, воведоа постојано растечка квота на био-гориво што треба да се вклучи во вкупните енергетски потреби на земјата. Тоа значи дека секоја година мора да се увезуваат се` повеќе вакви растенија, бидејќи во Германија нема доволно полиња за тоа.“

Спорен кредитот за „Синар Мас“

Urwald Kongos

Обработлива почва на сметка на прашумите

Освен тоа, со кредити што ги одобрува преку сопствената Банка за обнова и развој, Германија поддржува претпријатија што се занимаваат со откупување на земја од земјоделците и уништување на прашумите, за на нивно место да добијат плодна почва за одгледување на растенија од кои се добива био-гориво и палмино масло. Кон крајот на ноември „Гринпис“ протестираше против ваквата политика пред седиштето на Банката за обнова и развој во Франкфурт. Корина Хелцел од „Гринпис“ вели:

„Банката за обнова и развој, заедно со Германското друштво за развој и инвестиции, одобрија кредит во висина од 42 милиони долари на една фирма што е во сопственост на групацијата ’Синар Мас’. Се работи за индонезиски фамилијарен конгломерат, групација, што е одговорна за најголемите уништувања на прашумите во Индонезија. ’Синар Мас’ е активна и во бизнисот со палминото масло.“

По протестот на „Гринпис“, комисијата за економска соработка на Бундестагот се зафати со овој проблем. Банката за обнова и развој и германската влада ветија пред парламентот дека уште еднаш ќе ја преиспитаат одлуката за доделениот кредит на „Синар Мас“.

Автор: Андреас Цумах / Трајче Тосев

Редактор:Жана Ацеска