1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бин Ладен повеќе го нема, но тероризмот останува

Смртта на Осама Бин Ладен е важен успех во светската борба против тероризмот. Но наивно е да се верува дека засекогаш е отстранета терористичката закана , коментира Даниел Шешкевиц, уредник во Дојче Веле.

default

САД и западниот свет десет години чекаа на веста дека Осама Бин Ладен е мртов. Лидерот на терористичката мрежа Ал Каеда не умре како било, туку загина во битка со американските специјални единици - токму како што вети тогашниот американски претседател Џорџ Буш по терористичките напади од 11 септември 2001 година. Сразмерно со тоа е и чувството на триумф во САД.

Остануваат многу отворени прашања

Не без причина. Имено, Осама Бин Ладен не е одговорен само за смртта на околу 3000 луѓе на 11 септември, туку тој беше и симбол на терористичката мрежа која дејствува ширум светот, иако веќе не беше во состојба активно да раководи со нејзините операции.

Бин Ладен стана мит кој со самото постоење и десетгодишното успешно криење од светската суперсила мотивираше многу млади терористи. Ал Каеда сега го загуби идеологот и неговото значење ќе бледнее со текот на времето. Со убиството на Бин Ладен, САД пак, ја затворија отворената рана „11 септември“ и сетоа тоа е во ред.

DW Deutsches Programm Daniel Scheschkewitz

Даниел Шешкевиц, уредник во ДВ

Меѓутоа, остануваат многу прашања и оправдани грижи. На пример, како Осама Бин Ладен можел толку долго да се крие среде Пакистан, недалеку од главниот град Исламабад? Дали Пакистанците навистина секогаш им пружале поддршка на Американците во потрагата по него?

Да не се живее во илузија на безбедност

Што е со Ајман Ал Завахири, вториот човек на Ал Каеда, кој наводно и натаму се крие во пограничниот регион меѓу Пакистан и Авганистан? Колку во меѓувреме станаа независни една од друга поединечните ќелии на Ал Каеда?

Има причина да се стравува дека терористичката мрежа сега ќе вложи крајни напори да покаже дека и натаму постои и оти е способна за акции. Најновата експлозија во мароканскиот град Маракеш и апсењето на тројца осомничени терористи во Германија покажуваат дека тоа би можело да и‘ успее и оти терористичката закана постои и десет години по нападите во САД, на 11 септември 2001 година.

Дури и најновите превирања во арапскиот свет би можеле на џихадистите да им отворат ново подрачје за дејствување. Имено, ако наместо слободата и стабилноста таму дојдат хаос и прогони, тоа ќе биде само нова можност за терористите.

Би било наивно да се верува дека со смртта на Бин Ладен еднаш засекогаш е отстранета опасноста од тероризмот. Навистина Осама Бин Ладен повеќе го нема како лидер на терористите, но неговата мрежа и натаму ќе има приврзеници доколку не се води политичка борба против основните причини за тероризмот. Неговата смрт е важен успех во глобалната борба против тероризмот, но ни оддалеку не е причина да се опуштиме во илузијата на безбедност.

Автор: Даниел Шешкевиц

Превод: Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска