1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Билт препорачува директни македонско-грчки преговори за името

Јоргос Папандреу и Никола Груевски да седнат на иста маса е најсигурен пат за решавање на спорот со името, вели претседавачот со ЕУ, Карл Билт. Еврокомесарот Оли Рен смета дека моментот е поволен, треба да се искористи.

default

Карл Билт и Антонио Милошоски, поранешна средба

По вчерашните оптимистички пораки дека спорот за името е решлив, шведскиот министер за надворешни работи, Карл Билт, во ексклузивна изјава за Дојче веле им сугерира на Јоргос Папандреу и Никола Груевски да влезат во директни преговори за да му стават крај на спорот кој 18 години ги отежнува билатералните односи на Грција и на Македонија.

“Мислам дека е важно двајцата премиери да разговараат директно а потоа потребната техничка поддршка ќе ја обезбеди медијаторот на Обединетите нации, но пред се‘ мислам дека суштински е директниот политички дијалог помеѓу Скопје и Атина“, вели Карл Билт.

Ситуација во која нема да има поразени

Запрашан зошто е толкав оптимист по ова прашање, шведскиот министер и претседавач со Европската унија во моментов објаснува дека решението лежи пред се‘ во политичката волја.

“Сум видел дека големи работи можат да се постигнат со политичка волја. Јас гледам прилика за решавање на проблемот, која треба да се искористи. Ова е ситуација во која нема да има поразени за двете земји и за регионот и искрено се надевам дека политичките лидери ќе ја искористат. Одложувањето на овој проблем ќе биде на штета на двете држави, нема сомнеж, и двете страни ќе би страдале од тоа“, вели Карл Билт.

Рен: Момент за проблемот да се симне од дневен ред

На иста линија е и еврокомесарот Оли Рен, кој во овој период исто така гледа одлична прилика за отстранување на проблемот.

“Според мене, ова е реална прилика, која сега треба да се капитализира за да се реши проблемот и да се симне од дневен ред.“

Oli Rehn mit dem serbischen Pass in der Hand

Еврокомесарот за проширување Оли Рен

Храброст за решавање на проблемот, според Рен, треба да се бара во препораката на Европската комисија, дадена на 14-ти октомври, дека Македонија е подготвена да ги започне преговорите за членство со ЕУ

“Нашата препорака ја дадовме сериозно. Во тој контекст јас реков дека тоа треба да се види како силно охрабрување за решавање на проблемот. Имам доверба дека оваа порака беше добро примена и дека напорите продолжуваат за да се пронајде решение“, истакнува Оли Рен.

И Рен и Билт ја отфрлаат можноста од посредништво на Европската унија во преговорите за името. Контактите со македонското раководство сепак се постојани, порача комесарот Рен.

Билт: Референдумот е опасен потег

До седми декември Македонија би можела да направи вистински исчекор на евроатлантскиот пат доколку му стави крај на спорот за името.

Една од можните пречки е и најавата на македонската влада дека ќе спроведува референдум доколку се дојде до прифатливо решение. Министерот Билт порачува дека овој потег е опасен.

“Никогаш не поддржувам референдуми во Југоисточна Европа. Тие се опасни“, мисли Карл Билт.

Шведското претседателство има голем интерес за Западниот Балкан, особено министерот за надворешни Карл Билт, познат по неговото долгогодишно искуство во регионот.

Претседавањето со Советот на министри на седми декември се‘ уште ќе биде во рацете на Швеѓаните, од кои Македонија може да очекува многу повеќе отколку следните држави – Шпанија и Белгија, кои имаат низа други приоритети на своите агенди.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM