1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Билд: сигналите од ЕУ поттикнуваат национализам на Балканот

Шефот на шведската дипломатија Карл Билд се двоуми за неопходноста од повторно воведување визи за Западен Балкан. Тој смета дека со нив ќе бидат погодени чесните граѓани и оти Шведска има корист од визната либерализација

„Тоа би ги погодило обичните, чесните луѓе, како и комуникацијата и интеграцијата меѓу слободните луѓе во Европа - младите и студентите на кои ние всушност сакаме да им помогнеме“, изјави Карл Билд. Тој смета дека визната либерализација со ЕУ води кон позитивен развој во регионот на Балканот.

„Освен тоа, имаме и значајна миграција на работна сила која доаѓа од Србија, така што слободното движење во основа е во наш интерес“, смета Билд.

Шефот на шведската дипломатија се согласува дека е проблем тоа што повеќе земји-членки на ЕУ регистрираат пораст на бројот на баратели на азил, и покрај тоа што државјаните на балканските земји немаат вистински причини за добивање азил.

„Еден дел од нив ја ползуваат ситуацијата и доаѓаат со автобуси, меѓу другото, и во Шведска. Тука чекаат на решавање на нивните азилантски барања и добиваат пари кои се наменски буџетирани во шведскиот систем, а потоа се враќаат дома“, вели шведскиот министер за надворешни работи.

Во Шведска и Германија во последниве месеци е повеќекратно зголемен бројот на баратели на азил кои доаѓаат од Србија, Босна, Албанија и Македонија. Поради таквиот развој, Германија и уште пет други земји-членки на ЕУ испратија писмо до еврокомесарот за миграции Сесилија Малмстром. Во писмото се бара ЕУ, до крајот на оваа година, врз основа на одредени услови, повторно да воведе визен режим за лица од балканските земји.

Карл Билд изразува загриженост поради сигналите што ЕУ ги испраќа кон земјите од Западен Балкан.

„Претседателот на Бундестагот деновиве рече дека ’сега е стоп за проширувањето’. Таков тип на сигнали ги поттикнува националистичките сили на Балканот, а тоа воопшто не е ниту во нивен, ниту во наш интерес“, потенцира Карл Билд во интервју за Шведското радио.