1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Биланц на најголемиот саем за фотографија “Фотокина“ во Келн

Интересот за дигиталните камери не запира.

Саемот привлече преку 160.000 посетители

Саемот привлече преку 160.000 посетители

Во последно време од сите страни се слушаат поплаки за штедливоста на потрошувачите. Но, сосема поинакви тонови доаѓаат од фотоиндустријата. Дури 65 проценти од вкупно продадените фотоапарати ширум светот базираат на новата технологија. И мобилните телефони со интегриран фотоапарат се многу барани, така барем се покажа на најголемиот саем за фотографија Фотокина во Келн, кој за шест дена привлече преку 160.000 посетители. Во центарот на вниманието беа дигиталните фотоапарати, мобилните телефони со камера и малите печатари за слики за домашна употреба.

Фотографирањето, информативната технологија и телекомуникациите се “трите фасети на заедничкиот пазар“- нагласи раководителот на саемот Оливер Курт на затворањето на саемот. “Ова беше Фотокина на суперлативите“-изјави Курт притоа мислејќи на 1.589-те излагачи од 50 земји во светот што учествуваа на саемот во Келн. Како особено заживување на саемот се покажа учеството на новите излагачи од дигиталниот свет како Мајкрософт, Нокиа и Т-Мобајл.

Минатата година според податоци од браншата биле продадени повеќе мобилни телефони со камера отколку дигитални фотоапарати. Оваа година само во Германија се очекува да се продадат околу 13 милиони мобилни телефони, односно три пати повеќе отколку минатата година.

“Насмевка, ве молам“- на излагачите на овогодинашниот саем –Фотокина тоа воопшто не им е тешко, бидејќи оваа година сметаат со голем пораст во бизнисот. Само во Германија се очекува обрт од околу 10 милијарди евра а тоа е пораст од осум проценти во однос на минатата година. Традиционалниот бизнис со филмови е многу опаднат, но се балансира со зголемената побарувачка на дигитални камери.

Уште попопуларни од дигиталните фотоапарати се мобилните телефони со камера. Хелмут Рупш од сојузот на фотоиндустрија за можностите што се нудат вели:

“Доколку останеме кај мобилните телефони, тогаш наскоро или за кратко време телефоните ќе ги заменат едноставните автоматски апарати, но не и професионалните. Во нашата бранша значи сеуште постои потенцијал бидејќи мораме да мислиме и на сликите со поголем квалитет. Само таквите слики можат квалитетно да се испечатат. “

Со фузионирањето на електрониката и оптиката свое место на растечкиот пазар сакаат да си обезбедат се поголем број нови фирми во оваа област како Сони, Хјулет Пакард или Адоуби.

Иновациите кај дигиталните камери се развиваат со таква брзина што секои три месеци на пазарот излегува нов модел.

Според мислењето на експертите од фотоиндустријата дигиталниот пазар и покрај багателните цени сеуште остава простор за добра заработка. Според најновите анкети секој четврт Германец размислува да си купи нов дигитален фотоапарат и во просек за тоа одвојува дури 290 евра. Најава: Благодарение на дигитализацијата фотографирањето денес доживува ренесанса. На саемот во Келн ниту еден производител не ја претставуваше својата аналогна техника за сликање, секој сакаше да држи чекор со новиот дигитален тренд. Особено омилени се и понатаму рачните компакт фотоапарати со 4 до 8 мегапиксели, кои допринесуваат за многу добар квалитет на сликата.