1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Бизнис со коњи за турнири

Некогаш се даваше кралство за коњ - порано коњот често пати имал највисока материјална вредност за луѓето. Во ерата на автомобили тоа се подзаборави. Но, врвните одгледувачи и натаму продаваат коњи за милионски суми.

Ергела во јужниот дел на германската покраина Долна Саксонија. Еден од младите коњи во оваа ергела ќе достигне милионска вредност. Тоа е три години стар Олденбургер.

„Овој коњ има неверојатна механика на движењата, може да ја крене задната нога и за лаик е видливо дека притоа одржува рамнотежа“, вели Улрих Каселман, основач на ергелата Каселман.

Во ергелата живеат околу 300 коњи. Но, тој одгледува само коњи чии родители и претци биле победници на турнири, некои од нив беа дури и учесници на Олимпијадата во Лондон.

„Цврсто сум уверен дека ние во Германија повторно се пробиваме напред - тоа го гледаме и од моменталните резултати, а на олимпијадата се фокусиравме на златните медали“, објаснува Улрих Каселман.

На последната Олимпијада имаше и коњи од оваа ергела, но тие настапуваа за други земји, но не и за Германија. Каселман е една од најголемите ергели во земјата. Во неа, во типична долоносаксонска стара куќа, живее семејството Каселман.

На вториот појадок се собираат сите заедно, за меѓусебно да се информираат. Тука е и синот Франсоа, снаата со внуката, како и сопругата. По илјадагодишна семејна традиција како земјоделци, Улрих Каселман се определи за одгледување коњи и е среќен дека син му ќе го продолжи бизнисот. Секој овде има своја задача: синот продава коњи, а неговата мајка ги тренира додека да бидат подготвени за продажба.

Семејството вработува 45 луѓе на ергелата и секоја година остварува двоцифрен милионски промет. Секојдневниот тренинг ја крева продажната вредност на коњите и тие се на цена во меѓународни рамки.

„Коњот мора секогаш да биде трениран и да остане еластичен - како врвен спортист. Тој треба да е во добро расположение и мора да имаш осет кога еден коњ не е добро расположен. Има ли тој некаков проблем? Го стега ли нешто, го боли ли нешто? Како јавач и тренер тоа мора да го видиш“, вели Бјанка Каселман, тренер на коњи и јавачи.

Таа ја тренира и кинеската јавачка Лина Лиу за националното првенство на Кина, а и коњот е од ергелата на Каселманови. Синот Франсоа, пак, продаде кастриран коњ на богат адвокат од Колумбија. За коњот за дресурно јавање адвокатот плати 200 илјади евра.

„Живам во Јужна Америка. Коњот овде има постојан и многу квалитетен тренинг. Затоа е и овде. Јас доаѓам на секои два-три месеци да го јавам. Кога ќе биде готов со тренингот, ќе оди во Јужна Америка“, вели муштеријата од Колумбија, Сезар Торенте.

Не се сите коњи толку скапи. За да може да биде опфатен поширок круг на купувачи, во ергелата се одржуваат и турнири, што ги организира Франсоа Каселман. Токму се одржуваше и најголемиот младински коњички турнир на светот.

„Еден аспект за да се организира вакво нешто секако е дека овде е собрана голема куповна моќ и тука можат да се воспостават контакти“, Франсоа Каселман. На крајот од денот има победник - и солзи.