1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бизнисот во Македонија под шенгенска блокада

Македонските бизнисмени се’ уште не ги чувствуваат најавените олеснувања за добивање визи за ЕУ. На средба со вицепремиерот за европски прашања, Ивица Боцевски, тие предложија низа мерки за подобрување на состојбата.

default

Барање виза за ЕУ

Процедурите за добивање виза се компликувани и бавни, а бизнисот не трпи одложувања. Македонските бизнисмени се жалат дека е тешко да се работи со Европската унија, кога амбасадите на земјите-членки не ја креваат лесно визната рампа.

Бизнисмените се соочуваат со проблеми при вадење визи за ЕУ

Визните олеснувања, со кои е опфатена и категоријата на бизнисмените, во пракса не функционираат. На теренот, пред шалтерите на амбасадите, бизнисмените и натаму се принудени да чекаат во долгите редици и да се убедуваат со конзуларните службеници.

Стојанче Стојанов, директор на фирмата „Бим“ од Свети Николе, истакнува дека вадењето виза за патување во ЕУ и натаму останува проблем. Директорот на најголемата фабрика за масло во Македонија, Никола Варадинов, пак, вели дека е несфатливо секоја година да се обновува истата документација, бизнисот, според него, не чека ниту минута.

Бизнисмените бараат да се засилат активностите за визна либерализација

Бизнисмените бараат од Владата засилен ангажман за олеснување на визните процедури, со што европските пазари ќе им станат подостапни.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, смета дека доколку Македонија наредната година не го добие она што го бара за решавање на проблемот со визите, тогаш пред странските дипломатски конзуларни претставништва во земјата и натаму ќе се гледа понижувачката и грдата слика, како бизнисмените, наместо да работат, тапкаат по тротоарите за да добијат тридневна дозвола за продавање на производите надвор од границите на фамозниот Западен Балкан, подвлекува Азески.

Претседателот на Стопанската комора, Азески, на владата и’ предложи неколку мерки со кои треба да се олесни движењето на македонската деловна заедница во ЕУ. Притоа, тој побара да се засилат активностите за визната либерализација со земјите од Европската унија.

За проблемите ќе се информираат надлежните во Брисел

Вицепремиерот за европски прашања, Ивица Боцевски, рече дека бизнисмените масовно се жалат и најави дека со проблемот ќе ги запознае надлежните во Брисел на најдиректен начин.

Дури 70 проценти од младата популација во Македонија меѓу 16 и 30 година не патувале во ниту една земја-членка на ЕУ, со исклучок на Грција, а македонските граѓани годишно трошат околу пет милиони евра за шенген-визи. Во исто време, државите-членки на Унијата се меѓу најголемите трговски партнери на Македонија. Во првите девет месеци годинава Македонија со ЕУ реализирала 60 проценти од вкупниот извоз и половина од вкупниот увоз.