1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Бетовен е вечен

Му се восхитуваа неговите следбеници, а важеше и за патоказ за наредните генерации композитори: Лудвиг ван Бетовен е присутен на концертната сцена како никогаш досега. Денеска во Бон почнува Бетовенфест 2010.

default

Бетовен, портрет во масло

Во Бон, родниот град на Бетовен, се` се врти околу славниот композитор, па така и оваа есен, во негова чест се одржува интернационалниот Бетовенфест . За директорката на интернационалниот музички фестивал Бетовенфест е голема среќа што Лудвиг ван Бетовен дојде на свет во заспаниот, идиличен кралски град Бон во 1770 година. Тоа значи многу за градот кој деновиве живее во ритамот на музиката изведена на преку 150 концерти и други манифестации. Програмата, како по обичај, богата и разновидна и се` е под мотото „На отворено!“.

Deutschland Beethovenfest Ilona Schmiel

Директорката на фестивалот, Илона Шмил

Илона Шмил објаснува дека идејата потекнува од една елегија на Фридрих Хелдерлин, напишана во 1800 година. Во неа се повикува на бегство на отворено, во природа. Токму тоа претставува поттик за време на овогодишниот фестивал да се биде на отворено, да се направи обид за истражување на тој утописки потенцијал на музиката.

Потребна е и нова публика

Директорката очекува бројна љубопитна публика на фестивалот, а не помалку важен аспект на фестивалот останува и привлекувањето нови слушатели:

„Голем фестивал како овој мора постојано да биде во потрага по нова публика. Една алтернатива е јавното гледање на отворено. За тоа одиме на плоштадот Минстер во Бон, кадешто илјадници луѓе можат да погледнат филмови коишто се направени во соработка со Дојче веле. Друг начин е да се најдат уметници коишто се занимаваат со проблемот како во иднина да се привлече публика без оглед на возраста“.

Во традицијата на Бетовенфест спаѓа и т.н. „кампус-концерт“ на кој се претставуваат млади странски оркестри. Лани се претстави Виетнам, а годинава на гости во Бон е оркестарот Синфоника Хелиополис од бразилската метропола Сао Паоло. Овие концерти се од големо значење за земјите кои досега зеле учество.

Beethovenfest Bonn 2010 Künstler

Уметниците и оваа есен ќе музицираат во чест на Бетовен

Според Илона Шмил, „тоа е еден вид културна размена која и натаму треба да живее. Затоа, многу се инвестира во земјите кои се покажуваат отворени за соработка. Повеќе од јасно е дека во 2011 година ќе има и други концерти на гости од Бразил, земја во која Германија сака добро да се презентира. За во 2013 година е планирано создавање т.н. Бетовен-сателит.“

Освен тоа, во Бон ќе настапи камерниот оркестар од Бремен под раководство на Павао Јерви кој е традиционален учесник на Бетовенфест. Мрежата на соработка игра значајна улога за фестивалот, па така честопати се „разменуваат“ учества со фестивали посветени на Бетовен, како на пример во Варшава и Каракас. За директорката на фестивалот во Бон не постои поголем мајстор за класична музика од Лудвиг ван Бетовен: „Бетовен отсекогаш бил познат во овие земји и имал свое место во образованието. Се покажа и дека токму симфониите на Бетовен се особено погодни за млади оркестри, за нивен натамошен напредок. Тоа се симфонии кои ги исполнуваат и најголемите барања на музиката и затоа, не случајно се сметаат за ремек дела.“

Автор: Клаус Герке / Далибор Стајиќ

Редактор: Жана Ацеска