1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бесрамно "молзење" на гастарбајтерите во Дубаи

Во ниту една земја во светот во моментов не се градат толку облакодери како во Обединетите Арапски Емирати. Меѓутоа овој бум има и свои темни страни.

default

Зад сјајсните фасади на Дубаи е мизеријата на гастарбајтерите

Работниците од странство, главно од Индија, Пакистан и Бангладеш, градежните фирми ги третираат како робови. Се разбира, далеку од погледот на туристите.

Во моментов се градат 329 облакодери. Посебно трескавично се гради во Дубаи. Порастот на цените на нафтата ја преполни државната каса, пари што сега се вложуваат за времето по нафтата. Таму каде што пред неколку години беа само песок и пустина, никнува модерна земја. Тоа се постигнува со армија работници од странство, најчесто донесени од Индија или Пакистан. Фасадите светат, но животните и работните услови на овие луѓе се мизерни. Најчесто, нивниот ангажман во Дубаи почнува со големи долгови. Индусот Шамусдин соопштува како живеат повеќето од нив:

„Индиските агенции за работа за посредништвото бараат до пет илјади долари. Тоа се многу пари. За да може да се плати таа сума, многумина мораат да земат кредит. Бидејќи ниту една банка не сака да ги даде, тие земаат пари на заем од штедилниците кои пак бараат високи камати„.

Пред скоро 30 години, Емиратите донесоа закон со кој е пропишана најниската плата. Во стварноста тој до денес не профункционира.

„Ја сретнав последната група работници што дојдоа овде. Месечно заработуваат сто долари. Од тоа мораат да плата сместување и храна. Затоа се обидуваат да земат уште еден кредит. На тој начин влегуваат во двојно должништво – и тука, и дома„.

На хартија работничките права во Емиратите воопшто не изгледаат лошо, сметаат борците за човекови права, меѓутоа малку од тоа се спроведува. Така, градежните фирми ги задржуваат пасошите на работниците иако тоа е забрането. Тие живеат во преполнети сместувалишта, пред капиите на Дубаи, надвор од погледот на туристите. На градилиште ги носат со автобуси. На темепература од преку 40 степени во сенка и екстремно висока влага, во летните месеци стотици паѓаат поради дехидрирање или топлотен удар. Пред две години, владата забрани секаква физичка работа на отворено до првите попладневни часови. Потоа оваа забрана беше разлабавена, зашто градежната бранша изврши силен притисок, иако ионака не се придржуваше кон тие правила.

Ниту безбедносните мерки на градилиштата не се посебни: често има несреќи со загинати и повредени. Во 2004 година, амбасадите на Индија, Пакистан и Бангладеш префрлија 880 тела од Емиратите кон своите држави. Официјално Дубаи тогаш пријави 34 загинати. Синдикатите ги нема никаде, но се почесто работниците самите се бранат. Кристијан Кох до Голф рисрч центарот, независен институт за политика во Дубаи вели:

„Во последните години имаше и безредија. Блокади со седење на големите автопати кога вработените протестираа против работните услови. Имаше безредија и на најголемото градилиште во светот, Бурџ Дубаи, кога работниците употребија и сила. Сето тоа ги изнесе на виделина сите проблеми„.

Кох вели дека владата го согледала проблемот и има намера да го реши. Меѓутоа, надлежниот минситер не сака да одговара на новинарски прашања и со месеци ги игнорира барањата за интервјуа.