1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Беспрекорен прв лет на новиот авиот Ербас А 380

Со речиси 4-часовниот лет на новиот џин во воздухот, започнува нова ера во цивилната воздушна пловидба.

Првото полетување на А 380 со двокатна патничка кабина за 550 до 850 патници

Првото полетување на А 380 со двокатна патничка кабина за 550 до 850 патници

Во 10 часот и 29 минути од аеродромот во францускиот град Тулуз полета новиот европски авион, најголемиот што досега е воопшто произведен, што беше проследено со воодушевување на 50-ина илјади луѓе. Истото воодушевување се повтори во 14 часот и 22 минути, на крајот од првиот пробен лет на Ербасот А 380. Веќе со денови многумина преноќуваа во близина на фабричките хали во кои е произведен авионот, за да не го пропуштат овој настан. Новиот авион, резултат на европска копродукција, полета од истата писта како пред 39 години и суперсоничниот „Конкорд“, кој во меѓувреме е повлечен од сообраќај.

„Забрзувањето и командите на авионот се токму онакви, како и на симулаторот“ – јави пробниот пилот Жак Росај, еден од шестемина членови на екипажот Покрај двајца пробни пилоти, во авионот се наоѓаа и 4-ца флајт-инженери, еден од нив Германец. Авионот при полетувањето тежеше 421 тон, а во него беше сместена и 20 тони тешка дополнителна електронска опрема, која постојано преку сателит испраќаше податоци за 6 илјади параметри на летот, што потоа беа анализирани на земја. „Ние тестиравме малку повеќе отколку што првобитно планиравме, зашто се придржуваме кон правилото: безбедноста на прво место. Затоа им рековме на пилотите дека нема никаков притисок врз нив: ако нешто сакате уште еднаш да проверите, направете го тоа. Ако уште еднаш сакате да направите брзински тест, направете го. Така постапивме“ – рече Густав Хумберт, шеф на Ербас во Германија.

За германската влада новиот авион е доказ за високата технолошка способност на Европа и резултат на извонредната соработка во европската воздухопловна индустрија, а се нагласува и дека тој долгорочно ќе обезбеди работни места за високоспецијализирани стручњаци. „Европското воздухопловство може да биде гордо“ – оцени Ноел Форжеар, првиот човек на европскиот Ербас-конзорциум.

Новиот авион, најголем патнички авион што е досега воопшто произведен, во стандардната верзија ќе може да пренесе 555 патници на растојание од 15 илјади километри. Во чартер-верзија супер-авионот на Ербас ќе може да понесе до 853 патници. Долг е 73 метри, висок 24, а распонот на крилата му изнесува 80 метри; со тоа е 15 метри поширок, два метра подолг и четири метри повисок од џамбо-џетот Боинг 747. А 380 е три децибели потивок, а трошоците на експлоатација му се за 17 проценти пониски од Боингот 747. Американскиот конкурент Боинг, всушност, нема директен контра-одговор на А 380.

Во наредните 40 години, според плановите, Ербас А 380 треба да донесе приходи од 150 милијарди. Во сообраќај треба да биде воведен по една година – во меѓувреме ќе бидат изведени натамошни многубројни пробни летови.