1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бесими: Прашањето за името еднакво ги загрижува и Македонците и Албанците

На политички брифинг во Брисел, македонскиот вицепремиер Фатмир Бесими говореше за евроатлантската интеграција на земјата, истакнувајќи дека цената на приклучување во ЕУ е подобра од цената на неприклучувањето во Унијата

„Прашањето за името и евроатлантската перспектива на Македонија ги загрижува сите граѓани на земјата, без разлика на нивната националност. Неточни се гласините дека албанските претставници во Владата не се заинтересирани исто како и македонската заедница, оти интересот за земјата е идентичен - сите сакаме да напредува, да биде членка на ЕУ и НАТО и заедно сме во ова“.

Ова е клучната порака на заменик-претседателот на македонската влада задолжен за евроинтеграции, Фатмир Бесими, дадена на денешниот политички брифинг „Македонската европска иднина - проспекти и предизвици” организиран од Европскиот центар за политики (ЕПЦ) во Брисел.

Вицепремиерот отворено говореше за сите прашања што се поврзани со македонската евроатлантска интеграција, притоа потенцирајќи дека Европската унија ќе донесе посилна социјална кохезија во Македонија, од што, според него, бенефит ќе имаат двете заедници, укажувајќи дека претходната 80-процентна поддршка на ЕУ-интеграциите во земјата, сега паднала на 60 проценти, што се‘ уште е висок процент.

Бесими нагласи дека цената од приклучување кон ЕУ е подобра од цената на неприклучувањето кон Унијата. Според него, Македонија сака да ги реши отворените билатерални прашања со соседите Грција и Бугарија, при што секогаш се обидува да биде конструктивна во тој поглед. Тој посочи дека рамката на преговори под капата на Обединетите нации трае предолго и дека е потребна поинтензивна комуникација, посуштинска дискусија и состаноци на високо ниво.

„Ако две страни имаат проблем, тогаш треба да станат двајца партнери кои ќе дојдат до решение. Македонија работи на градење на демократски вредности како идна членка на ЕУ и НАТО“, рече Бесими, кој потсети дека во четврток во Скопје ќе пристигне министерот за надворешни работи на Грција Евангелос Венизелос, како претседавач со Европската унија. „Мора да го смениме начинот на размислување во двете земји. Да бидеме поконструктивни и што порано го решиме спорот, тоа ќе биде подобро“, рече Бесими.

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија се осврна и на бугарско-македонскиот договор за добрососедство, за кој, според него, има интензивни разговори, има состаноци меѓу министрите за надворешни работи на двете земји и иако остануваат некои прашања да се разјаснат, добра вест е дека има комуникација.