1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бесими: Од прием на Македонија во НАТО би профитирале сите

Македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими е во посета на САД. Тој во Њујорк водеше разговори во ОН, а потоа се упати за Вашингтон.

default

Македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими

Сметаме дека одлуката на Меѓународниот суд на правда, токму овде во Обединентите нации, би можела да се користи како позитивен импулс за двете страни околу спорот меѓу Грција и Република Македонија, кажа меѓу другото, во разговор за Дојче Веле министерот за одбрана на РМ, Фатмир Бесими. Тој во зградата на Светската организација на Ист Ривер се состана со шефот на Мировните операции на ОН, потсекретарот Едвард Мјул.

Македонскиот министер исто така имаше средба и си шефот на Мисијата на САД во Обединетите нации, амбасадорката Розмари ди Карло. На овој состанок стана збор токму за блокираниот македонски пат кон евроатлантските интеграции:

Mazedonien NATO Mazedonische Fahne und NATO Fahne

„Темата на евроатлантските интеграции неизбежно ја наметнува и темата за решавањето на спорот околу името и одлуката на Меѓународниот суд на правдата. Тие беа спомнати во контекст на надминување на овој предизвик и изнаоѓање решение кое е прифатливо за двете страни, како за Македонија, така и за Грција, затоа што тоа е единствен начин да се надмине тој проблем, односно да се надминат тие разлики и со тоа и поддршката што се искажува кон Македонија од другите членки на НАТО да резултира со приемот на Македонија во НАТО“, нагласи Бесими.

Тој додаде дека во Обединетите нации постои и уверување дека двете страни би профитирале доколку процесот околу преговорите би се фокусирал во полза на приемот на Македонија во НАТО, што е легитимна цел на владата во Скопје:

„Тоа не само важен процес за Македонија, за нас секако тоа е важно и би било клучно, но тоа е решение за мисијата на НАТО да се прошири и да обезбеди одржлив мир и стабилност во регионот. И за самиот регион, па и за Грција тоа би било едно големо олеснување.“

Во Чикаго ќе се разговара за други теми

Но министерот Бесими - признава, дека се‘ уште нема навестувања, на самитот на НАТО, во мај оваа година во Чикаго, на официјалната агенда да биде додадена и посебна точка за проширување на воениот сојуз:

NATO Flagge Logo

На самитот во Чикаго главно ќе се работи за реформите на таканаречената „Смарт дифенс“ и за транзиција на мисијата на НАТО во Авганистан

„Сакам да појаснам дека на самитот во Чикаго главно ќе се работи за реформите на таканаречената „Смарт дифенс“ (паметна одбрана) и за транзиција на мисијата на НАТО во Авганистан (ИСАФ). Тоа се главно темите за кои што ќе се зборува на самитот, а ние се обидуваме покрај нив, на некој начин да зборуваме и за темата за приемот на Република Македонија во НАТО. Меѓутоа, за такви теми се‘ уште не може да се каже дека има нешто потврдено официјално“, изјави Фатмир Бесими.

Шансата на Македонија меѓутоа, останува во тоа што, како што тоа многумина веруваат, државата до некаде веќе ги положи основните вредносни тестови на Алијансата:

„И во однос на реформите и во однос на придонесите на меѓународните мировни мисии, Македонија го дава својот придонес, како да е де факто членка на НАТО“, повтори министерот Бесими, кој од Њујорк се упати за Вашингтон, кадешто ќе присуствува на традиционалниот Молитвен појадок со американскиот председател Барак Обама и останатите гости на неговата администрација.

Автор: Ерол Авдовиќ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска