1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бесими: Ние сме претставници на една влада

Во Владата нема дуализам меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, тврди македонскиот вицепремиер Фатмир Бесими. Тој во интервју за МИА, меѓу другото, зборува за разговорите во Атина.

„Посетата на Грција е во својство на заменик претседател на Владата за европски прашања и е во функција на создавање клима на соработка, доверба, што е од корист за двете страни“, вели во интервју за МИА вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими.

„За прашањата во јавноста дали има дуализам во Владата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, можам да кажам дека мојата посета во Грција е во својство на заменик претседател на Владата за европски прашања и тоа на Владата на Република

Македонија, која ги претставува интересите на граѓаните на Република Македонија и тука не служам како вицепремиер само за Албанците, за Македонците или само за Турците, туку на сите граѓани во Република Македонија. Со тој мандат сме изгласани во Собранието од пратениците на РМ кои ја имаат поддршката од мнозинството граѓани“, вели вицепремиерот Бесими.

За впечатокот во јавноста дека грчката страна полесно се одлучува на средби со претставници на македонската Влада кои се од ДУИ, а некако ги одбегнуваат средбите со македонските претставници, Бесими вели - тоа не е корисна теза.

„Оваа теза, посебно во Македонија, не е корисна, затоа што ние сме сите претставници на една влада и работиме во интерес на граѓаните на РМ, а тоа е евроатлантската интеграција, како еден од стратешките приоритети“, нагласува Бесими, потсетувајќи дека и до сега имало средби на премиерот и министерот за надворешни работи со грчки претставници, но оти овие средби во Грција се дополнителен импулс и од тоа добиваат Македонија и сите граѓани.

„Со добра координација може да имаме само корист од нив, зашто без разлика дали се членови на една политичка партија или на друга, дали се политичари Албанци или Македонци кога ќе станеме членка на ЕУ и НАТО подеднакво ќе бидат среќни сите граѓани - Македонци, Турци, Албанци, Роми...“, вели македонскиот вицепремиер Фатмир Бесими.

Според Бесими, на средбата со гршкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос станало збор и за последниот предлог на медијаторот на ОН Метју Нимиц.

„Секако дека разменивме мислења и за тоа, но останува официјалните позиции да се процесираат во рамки на регуларните преговори и тоа е најдобриот пат. Ние во однос на прашањето за името рековме дека треба побрзо да се реши и во тој контекст се очекува во наредниот период од двете страни, како што е нагласено од Нимиц, да ги дадат своите позиции со цел процесот да може да се движи понатаму“, вели во интервјуто за МИА, Фатмир Бесими.