1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бесими: Нема откажување од членството во НАТО

Македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими најавува интензивни напори до самитот на НАТО во Чикаго и неоткажување од стратешката цел-влез на Македонија во Алијансата. Реформите ќе продолжат без оглед на исходот.

default

„До Самитот на НАТО во Чикаго ќе продолжиме интензивно да работиме и нема да се откажеме од нашата стратегиска цел, членството во Алијансата. Ќе вложиме максимални напори Република Македонија да го докаже својот капацитет и интерес за членство во НАТО“, изјави македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими во интервју за Радио Слободна Европа.

Реформите мора да продолжат

Според Бесими, независно дали Македонија на претстојниот Самит ќе стане членка на Алијансата, реформите мора да продолжат.

„Јас по природа сум оптимист, или, како што вели еден термин, реален оптимист. Мора да сме свесни за реалните околности, предизвиците, но оптимизмот е тоа што ќе ни даде мотивација да работиме и да не се откажеме од нашите цели. А и потоа, независно дали Македонија на тој Самит ќе биде дел од НАТО или не, ќе продолжиме исто интензивно во нашите цели за членство во Алијансата зашто овој процес не е само до влезот во НАТО, Македонија ќе треба да прави реформи и откако ќе стане дел од НАТО. Но, тоа е голем чекор доколку оваа година успееме да влеземе како членка во НАТО и ќе работиме на тоа“, истакнува Бесими.

Mazedonien NATO Mazedonische Fahne und NATO Fahne

Членството во НАТО не зависи исклучиво од Република Македонија, додава, туку и од решавање на спорот за името. Тој голем предизвик што не е еднострано прашање, треба да се реши заедно со Грција, но и со поддршка на меѓународната заедница.

Работите се менуваат

„Ние сме сведоци низ што минува Грција во последно време, особено последната година, од економски и политички аспект. Слично е и во ЕУ, преференциите на САД, тоа што се случуваше во овој период во Северна Африка, Блискиот Исток, сега Азија и Пацификот, тоа се некои работи што не се исти како што беа во 2008-та година. Работите се менуваат, а ние не сме изолирана земја од сето тоа што се случува на глобално ниво. И затоа се користи тој термин реален оптимизам, зашто реално треба да согледаме некои работи“, нагласува министерот.

Тој смета дека е битно преговорите да продолжат и по членството во НАТО доколку Македонија влезе под референцата ФИРОМ.

„Во моментов е најзначајно Македонија да стане членка на НАТО што побрзо. Македонија во моментот има референца ФИРОМ на меѓународно ниво и тоа граѓаните треба да го знаат и доколку Македонија стане членка на НАТО под референцата ФИРОМ, не значи дека преговорите со Грција за името ќе престанат во тој момент“, изјави министерот за одбрана Фатмир Бесими.

Автор: ЖА/макфакс/миа

Редактор: Александра Трајковска