1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бесими: Македонија останува важен партнер на НАТО

Македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими при посетата на Турција уште еднаш потенцираше дека Македонија останува важен партнер на НАТО во мировните мисии.

Република Македонија останува важен партнер на НАТО, беше потврдено при посетата на македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими на Република Турција.

„Ние ја цениме поддршката што ни ја дава Република Турција, а јас воедно и потенцирав дека нивната поддршка ќе биде корисна и има вредност бидејќи Република Македонија останува важен партнер на НАТО во мировните мисии", порача министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими, по вчерашните средби со министерот за одбрана на Република Турција, Исмет Јилмаз и началникот на Генералштабот на Турските вооружени сили, генерал Неџдет Озел, во рамките на посетата на Република Турција. Бесими, исто така, се сретна и со шефот на турската дипломатија, Ахмет Давутоглу при што беше потврдена одличната меѓусебна соработка, а беа разменети и мислења во однос на состојбата во регионот.

Во текот на разговорите, уште еднаш беше потврдена поддршката од Република Турција за евроатлантската интеграција на Република Македонија и беше истакнато дека тој процес е од големо значење за државата.

Министерот Бесими додаде дека досегашната соработка покажала оти Република Турција е еден од најголемите донатори на Република Македонија, особено во областа на одбраната.

Односите меѓу Република Македонија и Република Турција во областа на одбраната се развиваат уште од 1994 година, кога Република Турција прва упати воено аташе во Република Македонија. Истата година беше потпишана и првата Спогодба за соработка, додека првата донација за АРМ пристигна токму од Република Турција.