1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бесими и Панета се заложија за политика на отворени врати на НАТО

Македонскиот министер за одбрана Бесими во Пентагон се сретна со американскиот секретар за одбрана Панета, заокружувајќи ги годишните билатерални консултации во областа на одбраната на Македонија со владата на САД.

САД со нетрпение го очекуваат идниот прием на Македонија во НАТО, е пораката што американскиот секретар за одбрана Леон Панета ја упатил на средбата со македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими во понеделникот попладне во Вашингтон, јавува Гласот на Америка на македонски јазик. Панета упатил охрабрување до македонските власти да изнајдат решение за спорот за името со Грција. Бесими соопшти дека се разговарало и за можноста Македонија на самитот на НАТО во Чикаго да добие покана за членство, а спорот за името да се решава во следните две години, во текот на пристапниот процес. Според Бесими, за ваквиот пристап неопходна е согласност од Грција.

На состанокот шефовите на одбраната разменија мислења за регионалниот мир и безбедност, напредокот на Македонија во имплементацијата на одбранбените реформи и нејзините тековни подготовки за членство во НАТО. Стратешкото партнерство меѓу САД и Македонија, информираат од одбраната, беше истакнато како клучно за одржување на стабилноста во Југоисточна Европа.

Министерот Бесими и секретарот Панета дискутираа и за ситуацијата во Авганистан, каде што Македонија е петти по големина придонесувач по глава на жител во ИСАФ и дејствува како водечка сила во заштитата на штабот на НАТО-ИСАФ во Кабул.

И двајцата претставници ја изразија нивната заложба за политиката на „отворени врати“ на НАТО, со можност за членство на сите европски демократии кои ќе ги исполнат неопходните квалификации.