1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бесими жали ако некого навредил

Македонскиот министер за одбрана изрази жалење доколку некој е навреден од неговото положување цвеќе на споменикот на некогашната ОНА во Слупчане. Премиерот Груевски рече дека изјавата на Бесими е чекор во добра насока.

Моја намера отсекогаш била и останува да ги преставувам сите граѓани на Република Македонија еднакво, изјави македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими.

По неговата средба со американскиот заменик помошник државен секретар Филип Рикер во Скопје, Бесими изрази жалење доколку некој се почувствувал навреден од чинот на полагање цвеќе на споменикот на некогашната Ослободителна Народна Армија во селото Слупчане од негова страна

Намерата, како што изјави, никогаш не му била таква, туку да придонесе кон помирување. „Помирувањето е особено важен чин во Република Македонија, и посебно помеѓу двете страни инволвирани во конфликтот во 2001 година. Верувам дека АРМ може најдобро да го води овој процес на лекување на раните од минатото“ рече Бесими.

Рикер, пак, ги поздрави пораките на Бесими за помирување, кое, како што истакна, никогаш не е лесно. „Помирувањето е во духот и на НАТО“, изјави Рикер. Како пример посочи на помирувањето меѓу Обединетото Кралство и Германија, Германија и Франција, Унгарија и Романија, Грција и Турција.

„Како што Клинтон рече во Чикаго, ние треба да гледаме кон проширувањето на НАТО во нашите дискусии со земјите од регионот и не смееме до дозволиме денешните вести да ни го одвлечат вниманите од предизвиците и идните цели“, изјави заменик американскиот заменик-помошник државен секретар.

Рикер ја повтори поддршката што САД и‘ ја дава на Македонија за членство во НАТО. „ Никој повеќе од САД не сака да ја види Македонија во НАТО“, нагласи Рикер.

Изјавата на Бесими можност за смирување на ситуацијата

Nikola Gruevski und Philip Reeker in Skopje

Средба Груевски - Рикер во Скопје (21.08.2012)

Премиерот Никола Груевски пак, истакна дека чинот во Слупчане бил една приватна екскурзија на министерот за одбрана Фатмир Бесими или негова партиска задача, а денеска изразеното жалење во однос на тој настан претставува можност за смирување на ситуацијата.

„Тој ниту побарал, ниту ќе добиеше согласност за тоа од Владата, за тоа да биде некакво владино чествување или негово испраќање на тоа место. Уште полошо е тоа што отиде со униформирани лица и на тој начин ги повреди чувствата на Македонците. Слушнав дека тој денеска изразил жалење за тој настан. Тоа е добро што изразил жалење и што сфатил дека тоа не е визионерска работа, ниту храбро лидерство, туку дека ги влошува меѓуетничките односи и создава една конфликтност и тензија, односно фрустрација кај голем дел од населението и дека на таков начин не може да се постигне помирување како што тој замислувал“, рече денеска (22.08) Груевски.

Тој додаде дека по настанот во Слупчане го повикал Бесими и во разговорот министерот му образложил оти со таквиот чин сакал да се постигне помирување, односно со тоа имал позитивни намери.