1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бесими во лобирачка мисија во земјите на НАТО

Министерот за одбрана Фатмир Бесими смета дека членките на НАТО треба да покажат подготвеност за партнерство со Македонија. Тој најавува лобирачка дипломатија и средба со грчкиот колега Димитриос Аврамопулос.

default

Министерот за одбрана Фатмир Бесими

ДВ: Господине министре, што очекувате од самитот на НАТО во мај годинава во Чикаго, во САД? Според Вас, има ли Македонија реални шанси добие покана за членство?

Бесими: Без разлика на шансите, ние треба да работиме максимално и да не се откажеме од таа идеја, односно, од тој процес. Ние треба да се вклучиме максимално со сите свои капацитети да го дадеме својот придонес Македонија да го добие своето место таму каде што припаѓа – Македонија како членка на НАТО, Македонија како членка во Европската унија.

Што ако Македонија и во Чикаго доживее фијаско?

Членството во НАТО за Македонија и за регионот е важно и значајно прашање и за неа и за тој регион. Тоа е важно прашање, бидејќи би се сметало како успех не само за земјите од регионот, туку и за самата НАТО - алијанса. Од таа гледна точка јас не го гледам ова само од едностран аспект, како успех, или неуспех за Македонија. Интеграцијата на регионот, на Југоисточна Европа во НАТО, би бил успех за самиот НАТО. Тоа би претставувало успех за мирот и стабилноста. Ако се гледаат така работите, ние ќе го одржиме тој оптимизам за интегрирање во НАТО.

Сепак, високиот американски дипломат Филип Рикер неодамна во Скопје имаше кажано: „Прво решение за името, па потоа покана за членство“?

Mazedonische Verteidigungsministerium

Македонското министерство за одбрана

Формулацијата не е непосредно името, туку да се најде „заедничко прифатливо решение“ за ова прашање. Тоа во конкретниот случај се однесува на Македонија и Грција, а тоа е принцип на еднаквост на сите членки на НАТО. Утре и за Република Македонија, кога ќе стане членка, тоа ќе биде еден многу силен принцип за членство во НАТО, затоа што сите членки мора да се усогласат за одредени прашања. Во овој конкретен случај прашањето е некое прифатливо решение со кое сите земји – членки, вклучително и Грција, ќе бидат „за“ Република Македонија да стане дел од НАТО.

Неодамна Вие најавивте серија средби со Ваши колеги – министри од други држави, потоа со високи претставници на НАТО. Со која цел?

Тоа се активности со кои започнав уште од првиот ден кога стапив на позицијата министер за одбрана. Сега следат посети на земјите – членки на НАТО, посета повторно во НАТО во Брисел, па во Обединетите нации, во Вашингтон, Лондон, во Германија, Франција, во нордиските земји ... Целта е сите земји – членки на НАТО на некој начин да се контактираат, со цел да ги претставиме нашите заложби за членство во НАТО. Тоа е политичко лобирање, односно контактирање за она што ние го правиме.

Што Ви претстои веќе следната седмица?

Следната седмица ќе присуствувам во Вашингтон, каде што ќе имам средби во Пентагон, па потоа и во Њујорк, во Обединетите нации. На враќање и во Брисел, Минхен, потоа и во Белград. Во Минхен од 04 - 06.02.2012 година ќе се одржува меѓународна конференција за безбедност, каде што веќе имам договорени билатерални средби со министерот за одбрана на Велика Британија, со министерот за овој ресор на Данска, со новиот министер за одбрана на Хрватска, како и средби со други колеги, со кои очекувам да се сретнам таму во таа пригода.

Верувате ли, господине Бесими, дека ќе успеете на претстојната лобирачка турнеја навистина да ги убедите Вашите соговорници оти НАТО треба конечно да ги отвори своите порти за Македонија?

Мисијата на НАТО е воспоставување основи за стабилен мир. Земјите членки на НАТО треба на некој начин да покажат таква подготвеност за партнерство во една алијанса што ќе се заложи за ваква цел, затоа што ние сме сериозно заинтересирани да бидеме дел од оваа алијанса. Имаме конкретни примери, каде што Македонија веќе десет години е „извозник на мирот“ и ги добива најголемите пофалби за мировните мисии, во кои учествува, како и во однос на реформите во одбраната. Мислам дека тоа ќе биде доволен аргумент за претставување на сликата на Република Македонија како сериозен партнер за мир и стабилност и доверлив партнер за членство во НАТО.

Mazedonien Afghanistan Mazedonische Soldaten vor Abreise in Tetovo

Македонски војници учествуваат во мисијата на НАТО во Авганистан

Вам Ви претстои и средба со грчкиот министер за одбрана Димитриос Аврамопулос?

Се’ уште ги усогласуваме агендите и треба да ги дефинираме термините. Очекувам во текот на годинашниов февруари да се одржи и таа средба, која е потврдено дека ќе се одржи.

На чија покана е организирањето на оваа средба?

Јас ќе одам во Лариса, затоа што ние таму имаме еден заеднички проект, тоа е „СИБРИК“. Станува збор за бригада на земјите од Југоисточна Европа под покровителство на Соединетите Американски Држави, во процесот на НАТО – интеграции. Базата на таа бригада е во Грција, додека командата е од страна на Армијата на Република Македонија, односно нејзин генерал е командант на таа бригада. Тоа е одличен пример на проект, каде што заеднички го даваме својот придонес во меѓународните мировни мисии.

Што очекувате од разговорите со грчкиот колега?

Ќе ја искористиме можноста да поентираме на значењето на евроатлантските интеграции и тоа не само за Македонија, туку и за Грција и целиот регион, а и за самата НАТО – алијанса: регионот час поскоро да се интегрира во НАТО, што е подобро за самиот него, подобро за НАТО, па и за Европската унија.

Господине министре, ако се покаже дека ќе останат блокирани за подолго време процесите на интегрирање на Македонија во НАТО и во Европската унија, дали можеби Вашата партија ДУИ ќе Ве повлече од оваа позиција, дали имате од неа, можеби, однапред ограничен министерски мандат?

Како политичка структура, ние секогаш сме биле од интерес и сме давале предимство на тоа што претставуваат државни интереси за доброто на граѓаните, пред партиски конјунктурни интереси, од кои би можело во моментот политички да се поентира. Тоа е пораката, која ние сакаме како политичка партија да ја испратиме: дека Албанците се дел од оваа држава и оти тие исто мислат за важните прашања за државата, кои претставуваат општ интерес за граѓаните на Македонија.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM