1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Бернанке нов шеф на централната банка на САД

По 18 години на чело на американската централна банка, Алан Гринспен ќе биде заменет од 51-годишниот Бен Бернанке, кој вчера беше номиниран од американскиот претседател Џорџ Буш. До јануари оваа одлука треба да ја потврди и американскиот сенат.

Бен Бернанке

Бен Бернанке

Бернанке од јуни му е советник на претседателот Буш за најважните економски прашања. Функцијата шеф на централната американска банка е најважната во посредувањето меѓу моќниот финансиски свет и американската влада. Тој е главниот валутен заштитник и еден вид контролор на банките. На меѓународниот финансиски паркет тој важи за гарант на интегритетот на американските финансии. Оттаму и интересот со кој се следеше номинацијата на наследникот на Гринспен. Претседателот Буш изјави:

„Имам чест денеска да го номинирам Бен Бернанке за наредниот претседател на американската централна банка„.

Бернанке им припаѓа на најмногу цитираните економисти во светот. Студирал на угледниот Принстон универзитет, објавил голем број книги и членувал во советот на гувернерите на централната банка. Важи за приврзаник на стриктна битка против инфлацијата. Претседателот Буш ги истакна и заслугите на досегашниот шеф Алан Гринспен:

„Умните проценки и политика на Гринспен ја одржаа инфалцијата на ниско ниво. Тој има важен удел во силниот економски пораст на САД„.

Бернанке, чија номинација преку сенатот се очекува да биде чиста формалност, вчера вети само едно: континуитет:

„Ако бидам потврден на таа позиција, мој прв приоритет ќе биде одржување на континуитетот во политиката и во стратегиските решенија на ерата на Гринспен„.

Номинацијата на Бернанке на њујоршката берза беше регистирана со задоволство.