1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Берлускони планира враќање преку изборите за Европскиот парламент

Силвио Берлускони го планира своето враќање на европската политичка сцена. Нему тоа може да му го овозможи пресуда од Европскиот суд на правдата во Луксембург и политичката рехабилитација дома.

Силвио Берлускони го планира своето враќање на политичката сцена - и тоа на меѓународна сцена. За време на собир со членовите на новооснованата, или подобро кажано повторно основаната партија Форца Италија, во средината на јануари, поранешниот италијански премиер најави дека сака да учествува на изборите за Европскиот парламент во мај годинава. Иако еден закон тоа нему му го забранува. Со тој закон се забранува кандидатура во рок од шест години во случај на судска пресуда за лицето кое сака да учествува на избори. Освен тоа, во случајот „Медиасет“ нему му е одредена двегодишна забрана за вршење јавна функција. Пречки на патот на кандидатурата стојат и поради даночни затајувања на осудениот поранешен премиер.

Последна шанса - Европскиот суд на правдата во Луксембург

Италијанските медиуми јавуваат дека адвокатите на Берлускони веќе подолго време подготвуваат план како да се заобиколи овој т.н. „Северино закон“. Берлускони веќе започна постапка пред Европскиот суд на правдата во Луксембург. Тој забележува дека ширум Европа не постои ни закон, ниту некој преседан со кој му се забранува на осудено лице да се кандидира на избори. Берлускони се надева дека со тоа ќе успее да ја отстрани забраната за кандидатура. Но, пресудата на овој суд би можела да не дојде навремено за изборите за Европскиот парламент.

Europäischer Gerichtshof in Luxemburg EuGH

Берлускони се надева на пресуда од Европскиот суд на правдата во Луксембург, но има и резервен план

А, Берлускони не би бил Берлускони, доколку нема скриена карта во ракавот. Тој резервен план звучи дури и авантуристички. Неговиот пат кон Брисел би можел да оди преку друга земја-членка. Земји како Бугарија и Малта веќе изразија подготвеност него да го кандидираат на изборите за Европскиот парламент. Но, дали тоа би било можно?

„Одговорот е - не, ако тој се обиде во странство да се кандидира, и - да, доколку тој добие државјанство на некоја друга земја-членка. Така е барем во теоријата. Во реалноста е тешко да се процени состојбата, бидејќи во Европа претходно немаше ваква ситуација“, вели Стефано Поли од новинската агенција „Анса“.

Приврзаниците на Берлускони сметаат дека е неверојатно тој да ја води изборната кампања во некоја друга земја од ЕУ.

„Не верувам дека Берлускони би го направил ова“, вели Сандро Бијасоти, пратеник во италијанскиот парламент од редовите на Форца Италија. „Тој и’ е верен на Италија. Тој ја сака Италија. До крај ќе се надеваме на Европскиот суд на правдата, но времето е кратко“, додава Бијасоти. За него е логично да се оди во изборната кампања само со Берлускони. „Сепак, тој е шеф на нашата партија“, забележува Бијасоти.

До неодамна Берлускони важеше за ЕУ-скептичар. Пратеникот Бијасоти сега објаснува дека партијата сакала да се спротивстави само на остриот курс на ЕУ во справувањето со кризата. Тој смета дека Германија имала предоминантна позиција во последните години. „Ние нема да умреме за да се придржуваме до пакетот за стабилност“, нагласува Бијасоти и додава дека спроведувањето на таквиот пакет за Италија „значи рецесија“.

Forza Italia Hauptquartier in Rom

Седиштето на Форца Италија во Рим

Загриженост во Европската народна прија

Неверојатно е Берлускони да добие место во Европскиот парламент. Но, со сигурност тој од зад кулисите ќе има влијание на политичката историја на Европа. Тој неодамна имаше рехабилитација во земјата, благодарение на договорот со новиот партиски секретар на левичарската Демократска партија, по што пред неколку месеци политички мртвиот Берлускони се врати во средината на политичката сцена во Италија.

Последните анкети покажуваат дека на неговата Форца Италија се гледа како на една од најсилните партии на изборите за Европскиот парламент. Во Европската народна партија постои загриженост дека неговата повторно формирана партија не се залага за основните вредности на Европската народна партија и не крие дека има антиевропски став.