1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Берлускони не сака во затвор

Противниците на поранешниот италијански премиер ја слават пресудата против него поради даночно затајување. Неговите адвокати најавуваат жалба, а Берлускони оди во напад и тврди: „Веќе нема демократија“.

Осудениот затајувач на данок Силвио Берлускони ја подели Италија. Утрово (27.10), еден ден по историската пресуда на четири години затвор, еден магазин кој е критички настроен кон Берлускони на насловната страница има двоен портрет: Силвио Берлускони покрај гангстерот Ал Капоне. Тоа се разбира и без зборови. Весникот на Берлускони „Ил Џорнале“ пак, на насловната страница повторува три пати еден збор: „Спротивставување!“

„Злоупотреба на правдата“

Берлускони нема друг избор. Тој мора да се спротивстави за пресудата да не стане правосилна. „Вака не оди“, изјави тој по пресудата. „Ова е доказ за злоупотреба на правдата за политички цели.“

Адвокатите на Берлускони најавија дека ќе вложат жалба. Нивниот клиент може да се надева дека делата за кои што се товари ќе застарат во текот на постапките низ различни судски инстанци.

Symbolbild - Silvio Berlusconi

Тешки денови за Берлускони

Измамнички систем во Медијасет

Претприемачот Берлускони е обвинет дека преку две офшор фирми купувал филмски права, по цени кои биле вештачки надуени, за на тој начин да ја намали добивката во билансот на неговото претпријатие Медијасет и на тој начин да го намали износот што треба да се плати за данок. Судијата е убеден дека Берлускони бил главата на овој систем на измама. Судот го осуди на четири години затвор, од кои три години се одземаат врз основа на законот од 2006. година, кој беше донесен поради преполните италијански затвори.

Берлускони е огорчен. Тој нагласи дека мора да се дејствува: „Ако не можете да сметате на неутралност на судијата, тогаш земјата ќе се претвори во нецивилизирана, варварска земја, во која не може да се живее. Веќе нема демократија.“

Партиските пријатели застанаа зад Берлускони

За Берлускони овие денови се голем кошмар. Тој прво мораше да се откаже од својата кандидатура за премиер, а сега доаѓа и оваа пресуда. Партиските пријатели на поранешниот италијански премиер демантираат дека меѓу двете работи има поврзаност и му даваат поддршка на Берлускони. „Повторно, како и пред 20 години, дел од правосудството, поточно миланското правосудство, се обидува да го погоди, да го уништи човекот, со речиси милитантна амбициозност“, изјави пратеничката Барбара Салтамартини. Таа рече дека изјавите на Берлускони се сосема разбирливи и додаде: „Ние стоиме зад него.“

Политичките противници се воздржани

Flash-Galerie Berlusconis Skandale Ruby Party

Руби - Берлускони е обвинет дека и‘ плаќал сексуални услуги на малолетната Мароканка и дека ја злоупотребил службената положба за таа да биде ослободена по апсење за кражба

Впечатливо воздржани се реакциите на политичките противници. „Не сакаме да коментираме пресуди“, рече Џорџо Мерло од Демократската партија, додавајќи: „Но, сега е време да се каже - добро, кругот е затворен. Во добро и во лошо. Постапката ќе продолжи, но италијанската политика мора да отвори ново поглавје.“

Овие денови се зборува многу за крај на една ера. Ретко кој може да си замисли дека Берлускони повторно ќе се активира политички, и тоа независно од судската забрана за преземање политичка фуникција во наредните пет години. За 76-годишникот нема подобрување на повидок. И таканаречениот „Руби“ судски процес е во финална фаза. Тука екс-премиерот е, меѓу другото, обвинет за злоупотреба на службена положба. Можната казна во овој процес е - до 12 години затвор.