1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Берлускони маневрира во офсајд?

Кога италијанскиот премиер Лета ќе го постави прашањето за доверба на Владата, всушност ќе стане збор за иднината на Берлускони. Неговите министри имаат за што да му заблагодарат, но повеќе сакаат да ја спасат Владата.

Околу Силвио Берлускони станува пусто. Тој бара соборување на Владата и нови избори веднаш. Но неговите стари политички соборци како Фабрицио Чикито сакаат и натаму да ѝ даваат поддршка на Владата на Енрико Лета и се спротивставуваат на упатствата на основачот на партијата. Чикито недвосмислено изјави дека си посакува сите пратеници да му изразат доверба на Лета, зашто за нивната партија ПДЛ нема подобра алтернатива. И партискиот секртар и министер за внатрешни работи Анџелино Алфано од пратениците на ПДЛ побара да гласаат „за“ доверба на Владата.

Bildergalerie Politiker Gestik Enrico Letta

Енрико Лета денеска (02.10) го поставува прашањето за доверба

Со тоа политичарите, од кои многумина за својата кариера и функции може да му заблагодарат на Белрускони, влегуваат во конфликт на лојалност. Пред сѐ министрите беа тие кои во текот на викендот (28/29.09) дадоа оставки по барање на Берлускони, а сега сепак сакаат и натаму да владеат. Министерот за сообраќај Маурицио Лупи вели: „Никој од нас не е предавник. Берлускони е дел од нашата историја. Знам само дека во моментов се водат дискусии со Берлускони и тој проверува кои се аргументите за да му се изрази доверба на Лета, а притоа да не се откажеме од нашите теми.“

Нема расположение за нови избори

Вчера (01.10) во Рим се велеше дека најмалку 40 пратеници од кампот на Берлускони се подготвени да ѝ дадат поддршка на Владата. Со тие гласови Лета би можел и натаму да владее, а нови избори би биле избегнати. Италијанците велат дека би било добро да е така. Анкетите покажуваат дека мнозинството граѓани не е распложено за нови избори. На улиците на Рим се слуша дека Владата треба и натаму да остане, затоа што граѓаните не знаат за кого би гласале. Од друга страна, пак, Владата жнее и критики, затоа што досега не остварила ниту едно ветување.

Берлускони го губи политичкиот инстинкт

Силвио Берлускони ја втурна партијата и Владата во длабока криза. Притоа, дури и неговите најблиски партиски соработници признаваат дека тој не е поведен од ниту една политичка цел. На Берлускони му е важна неговата сопствена иднина. Тој се надева дека со курсот на конфронтација ќе спречи исфрлање од Сенатот, или дека барем тоа ќе го одложи.

Italien Parlament Sitzung

Дури 40 пратеници од кампот на Берлускони ќе гласаат за доверба на Владата?

Со тоа Берлускони ѝ нанесува штета на целата земја, вели Стефано Фасина, министер на социјалдемократската ПД. „Во недела во која ние всушност требаше да се грижиме за проблемите на земјата, Берлускони со сила ја наметна темата што нему му е единствено важна - решавање на неговите правни проблеми.“

Притоа, се чини дека 77-годишниот екс-премиер комплетно го загубил политичкиот инстинкт. Тој е поведен очигледно од чист очај. Имено, во петок (04.10) Комисијата за имунитетски прашања на Сенатот ќе одлучи дали политичарот, осуден правосилно во август, ќе биде исклучен од Парламентот.