1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Берлин се’ покритичен кон Хрватска

Во германскиот парламент расте отпорот кон избрзаниот прием на Хрватска во ЕУ, јавуваат германските медиуми. Политичари и од власта и опозицијата се се’ покритични.

Во Бундестагот расте отпорот кон избрзаниот прием на Хрватска во Европската унија, пишува неделникот „Шпигел“ во своето интернет издание.

И покрај критиките кои во редовите на сопствената ЦДУ ги заработи претседателот на парламентот Норберт Ламерт, тој не отстапува од своето „не“ за придружувањето на Хрватска кон клубот земји. Ламерт во интервјуто за „Шпигел“ од денеска (22.10) повтори дека примерите на Бугарија и Романија покажуваат оти очекувањата дека проблемите полесно ќе се решат откако земјите ќе влезат во Унијата, во пракса не се покажале точни.

„Не смееме по вторпат да ја повториме оваа грешка“, вели Ламерт.

Но не се само конзервативните политичари критични. Експертот за Европа од редовите на опозицискиот СПД, Михаел Рот има уште подрастичен став.

„Врз Хрватска мора да утврдиме политички пример“, ги цитира неделникот зборовите на Рот. Тој истакнува дека Хрватска најпрво мора да ги исправи слабостите кои ги утврди Европската комисија, на пример судските постапки кои предолго траат.

„Инаку Бундестагот не би требало да го ратификува договорот за пристапување на Хрватска“, вели Рот.

Неговиот партиски колега и претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, пак, пред неколку дена се спротивстави на барањата на Ламерт и изјави дека околу терминот за влез на Хрватска во ЕУ не треба да се комплицираат нештата.

„Pacta sunt servanda (Договорите мора да се почитуваат) и затоа Хрватска треба да го добие својот термин за пристапување“, директен беше Шулц.