1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Берлин не сака да посредува во сирискиот конфликт

Сирискиот претседател Асад ја покани Германија да посредува во конфликтот во неговата земја. Но, Берлин категорично ја отфрли идејата. Според политичките експерти, тоа е исправна одлука

Веднаш откако Сирија започна со уништување на хемиското оружје под контрола на меѓународните набљудувачи, претседателот Башар Ал Асад изненади многумина со повикот до Германија да преземе поголема дипломатска улога.

Во интервју за магазинот „Шпигл“, Асад отфрли било каква одговорност за насилството во Сирија и испрати сигнал дека е подготвен да прифати германска улога како медијатор во конфликтот.

„Би сакал да видам пратеници од Германија кои би дошле во Сирија за да ја видат и да дискутираме за реалноста. Доаѓањето тука не значи поддршка за владата. Но доколку дојдете тука можете да разговарате, да убедувате. Доколку мислите дека можете да не‘ изолирате, ќе се изолирате себеси“, порача Асад.

Но, шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле уште во понеделникот (07.10) категорично ја отфрли идејата.

„Лахдар Брахими делува како специјален пратеник на ОН, и ние во целост ги поддржуваме неговите напори да изнајде политичко решение“, изјави Вестервеле.

Исправен потег

Според блискоисточниот експерт Гидо Штајнберг од германскиот Институт за меѓународни и безбедносни прашања, одбивањето на улогата на медијатор од страна на Германија е исправен потег.

„Сите кои работат на изнаоѓање политичко решение во Сирија треба да го поддржат Лахдар Брахими. Поединечни држави не треба унилатерално да преземаат медијаторски улоги“, вели Штајнберг.

Германија во моментов не е во политичка состојба да презема такви иницијативи, затоа што досегашната канцеларка Ангела Меркел е во потрага по нова коалиција со која ќе раководи со владата во иднина, по минатомесечните избори.

„Во моментов никој не знае кој ќе биде следниот министер за надворешни работи“, вели Штајнберг.

И Томас Јегер, професор по меѓународно право на Универзитетот во Келн вели дека одлуката е исправна.

„САД и Русија се на спротивни страни во сирискиот конфликт. Доколку Германија преземе улога на посредник меѓу САД и Русија на тоа би можело да се гледа како на политичка ароганција“, вели Јегер.

Хуманитарна помош

Дополнително, тоа би испратило катастрофален сигнал кон германските сојузници, смета Јегер. Таквиот потег би сигнализирал дека германската влада се гледи себеси способна да реши еден од најтешките светски политички конфликти. И не само Германија, туку и цела Европа треба да се држат настрана, вели Јегер.

„Европските земји се преценија во обидот не само да изнајдат решение, туку и да дадат некаков релевантен придонес кон решението. Ова не е надворешно-политички конфликт со кој тие можат да се справат“, заклучува Јегер.

Она што Германија може да го стори, вели Штајнберг, е да остане активна и да им покаже на Сиријците дека го смета конфликтот за важен. Најдобра почетна точка би била бегалската политика. Како прв чекор, треба да се убеди Турција да ги отвори границите, а Германија би можела да обезбеди логистичка и финансиска поддршка. Потоа, може да им се помогне на Либан и Јордан, кои се под закана да бидат политички дестабилизирани поради напливот на бегалци од Сирија.

„Како втор чекор, ЕУ исто така мора да преземе повеќе бегалци, и тука Германија може да најде начин да помогне“, вели Штајнберг.

И Јегер верува дека хуманитарната помош е најдобриот пат за Германија. Владата може да помогне да се ублажат последиците од граѓанската војна во Сирија.