1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Берлин и Москва се караат за Украина?

Украина би можела да стане јаболко на раздорот меѓу Берлин и Москва. Русија ја критикува посетата на германскиот министер Вестервеле на Киев. Сега и канцеларката Меркел е со намера да и‘ даде поддршка на опозицијата.

Пред девет години, на крајот на ноември 2004-та, тогашниот германски канцелар Герхард Шредер му се јави на рускиот претседател Владимир Путин. Стануваше збор за Украина. Во тоа време стотици илјади луѓе во Киев демонстрираа против фалсификатот на претседателските избори. „Дозволете да помогнеме за ситуацијата да не излезе од контрола“, му рече Шредер на Путин. „Потребна ни е демократска, мирна Украина.“

Русија тогаш застана на страната на изборниот фалсификатор Виктор Јанукович. Путин му честиташе на победата. Меѓутоа, на крајот Русија веќе не се мешаше, протестите останаа мирни, изборите беа повторени, опозицијата победи. Јанукович стана претседател на Украина дури на изборите во 2010 година.

Русија предизвика криза

Германската канцеларка Ангела Меркел се‘ уште не посегнала по телефон за со Путин да разговара за внатрешнополитичката криза во Украина. А имаше повеќе причини да го стори тоа. Состојбата во Украина е слично тензична како во 2004-тата. Стотици илјади луѓе со денови се на улиците и демонстрираат за приближување на Украина кон ЕУ.

Кризата, меѓу другото, беше предизвикана од притисокот на Русија врз Украина. Москва се закани со трговски ограничувања доколку Украина ја потпише Спогодбата за асоцијација со ЕУ. Владата во Киев потоа го замрзна договорот и со тоа ги испровоцира масовните протести.

Bundeskanzlerin Angela Merkel Präsident Wladimir Putin Nahaufnahme

Канцеларката Меркел би имала повеќе причини да разговара со рускиот претседател Путин околу Украина

Некои во Украина си посакуваат посредство на Берлин во актуелната ситуација и тоа од два аспекта. Прво, се слуша дека Берлин треба да придонесе за дијалог меѓу Јанукович и опозицијата за да се спречи крвопролевање. Второ, Германија треба да влијае врз Русија за таа да не врши притисок врз Киев поради приближувањето на Украина кон ЕУ.

Јенс Паулус, раководител на тимот Европа во фондацијата „Конрад Аденауер“ во Берлин, која е блиска на владејачката Христијанско-демократска унија, е скептичен. „Оваа посредничка улога која постојано се бара од нас е тешка“, вели Паулус во разговор за Дојче веле. „Германија не може и не треба да има таква функција.“ Сепак, Паулус признава дека Германија ја познава Русија „малку подобро“ од другите држави на ЕУ. Оттука, Берлин при разговорите за приближување на Украина кон ЕУ би можел да придонесе за подобро да се разберат „руските интереси во регионот“.

И Сабине Фишер од „Фондација Наука и Политика“ е скептична. „Мислам дека во секој случај Германија со европските партнери треба да влијае за да не се повторат насилни судири меѓу безбедносните сили и демонстрантите“, вели Фишер за ДВ. „Тоа во основа веќе е посредничка активност.“

Москва го критикува Вестервеле

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле минатата недела отпатува во Киев за да учествува на средбата на ОБСЕ. Тој ги посети и демонстрантите на плоштадот Мајдан, разговараше со некои од опозиционите лидери, но и со претставници на украинската влада.

Guido Westerwelle und Vitaly Klitschko in Kiew

Гидо Вестервеле во Киев

Неговата посета предизвика огорченост во Москва. Рускиот премиер Дмитриј Медведев и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров го обвинија Вестервеле за мешање во внатрешните работи на Украина.

Министерството за надворешнби работи во Берлин ги отфрла обвинувањата. Берлин е дури подготвен да оди чекор подалеку. Според медиумски извештаи, канцеларката Ангела Меркел има намера да се сретне со украинскиот опозиционен лидер Витали Кличко на маргините на самитот на ЕУ во Брисел, на средината од месецов, и со тоа демонстративно да му даде поддршка. Русија веројатно нема да биде одушевена.

Германско-руските односи се оптоварени?

Некои германски медиуми, како „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, сметаат дека Украина ќе стане „товар за германско-руските односи“. Руските експерти не се согласуваат со тоа. Вестервеле е министер на заминување и неговата посета не треба да се преценува, изјави за ДВ Владислав Белов, раководител на Центарот за германски студии на Руската академија за науки. „Меркел рече дека Германија и Русија не треба да зборуваат за својата идна соработка во црно-бел тон“, нагласува Белов. Канцеларката даде поттик за тоа да не се води дебата за Украина во стилот „или-или“ (или интеграција со Русија или со Европа). Таа веќе најави дека има намера за тоа да разговара со Путин на нивната наредна средба, на почетокот на 2014 година. Затоа експертот Белов не верува дека кризата во Киев ќе ги оптовари германско-руските односи.